Во пукотницата во Куманово ранет е д-р Зекирја Шаини, носител на советничката листа на ДУИ во Липково

Во денешната пукотница во Куманово ранет е д-р Зекирја Шаини од Слупчане, носител на Листата за советници на ДУИ во Општина Липково. Шахини е пулмолог на Клиниката за пулмологија во Скопје. Тој бил застрелан со два до три куршуми во близина на зградата на Фондот за пензиско осигурување, по што веднаш е пренесен во болница и, според првичните информации, е надвор од животна опасност и ранет е во ногата.
МВР соопшти дека Шаини е пренесен во кумановската болница.
„Денеска во 13,54 часот во СВР Куманово е пријавено дека на крстосница од ул. ‘Димитрије Туцовиќ’ со ул. ‘11 Октомври’ во Куманово, две лица лица во движење од огнено оружје пукале во патничко возило ‘фолксваген голф’, управувано од З.Ш.(43) од с. Слупчане, општина Липково, кој се здобил со повреди и е пренесен во болницата во Куманово за укажување помош“, се наведува во информацијата од МВР.
Полициски екипи се на терен и вршат увид, а блокирана е улицата „11 Октомври“ на која покрај зградата на локалната самоуправа, се сместени сите поважни институции – судот, полицијата, поштата. Двајца обвинители од Основното јавното обвинителство Куманово исто така вршат увид на местото на оружениот инцидент. Според ЈОРСМ, првичните индиции не упатуваат на политички мотиви зад оружениот инцидент, но обвинителството ги проверува сите околности.
„Во однос на настанот во Куманово, двајца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Куманово излегоа на лице место и преземаат увидни дејствија. Се прибираат траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење. Во пукањето е повредено едно лице, а по напаѓачот се трага. Првичните индиции не упатуваат на политички мотиви зад оружениот инцидент, но сите околности се проверуваат“, соопшти Обвинителството.
Повредениот е актуелен претседател на Советот на општина Липково и е носител на советничката листа на НАИ предводена од ДУИ за претстојните локални избори.
Со реакција се јави коалицијата „Вреди“ и го осуди насилството.
„Изразуваме длабоко жалење за настанот што се случи во Куманово, при што е повреден д-р Зекирја Шаини.
Како коалиција, најостро ја осудуваме секоја форма на насилство и упатуваме апел за смиреност, воздржаност и почитување на надлежните институции кои треба целосно да го расветлат случајот. Насилството нема место во нашето општество, а ниту една околност не може да биде оправдување за дела што го загрозуваат животот и безбедноста на граѓаните.
Апелираме до истражните органи што побрзо да ги откријат мотивите и сторителите на овој чин, и повикуваме ваквите случаи да не се злоупотребуваат за политички цели“, велат од „Вреди“.
Директорот на кумановската општа болница, Сашо Стошевски претходно изјави дека повредениот од денешното пукање на улицата „Димитрија Туцаковиќ“ во Куманово е надвор од животна опасност, а по завршените првични медицински иследувања е пратен за Скопје.
„Кај нас е донесено лицето со иницијали З.Ш. со четири прострелни рани во пределот на левата подлактница и десно колено. Направени се сите иследувања кај нас согласно сите протоколи за лекување. Лицето е надвор од животна опасност и е пренесено веднаш на Клиника за трауматологија во Скопје“, изјави Стошевски.