Ужас во училиште во Белград: Ученик пукал и убил осум деца и чуварот

Ученик од седмо одделение со пиштол на татко му направил вистински масакр. Неговите другари велат дека бил тивок, мирен и одличен ученик


Полицијата го приведува осомничениот за масакрот во училиштетот (Фото: АП)

 

Голема трагедија ја снајде Србија утрово кога во основното училиште „Владислав Рибникар“ во населбата Врачар во центарот на Белград, ученик (14) пукал во учениците, наставничката и чуварот. Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека се убиени осум деца и еден човек од обезбедувањето. Има повеќе повредени деца.

МВР соопшти дека ученикот кој пукал со пиштол во учениците е уапсен.

Србија е во шок од настанот, а исто така и целиот регион затоа што размерите на трагедијата се големи, а и убиецот е малолетник во рани години.

Пукањето се случило во 8 часот и 40 минути кога седмоодделенец отворил оган врз обезбедувањето и учениците. Сето тоа траеше 5 минути. Осомничениот ученик по пукотањето побегнал од местото, но полицијата набрзо го уапсила, за кој велат дека испукал неколку истрели, најверојатно од пиштолот на неговиот татко.

Како што соопшти претходно МВР, осомничениот за нападот е ученик од седмо одделение во тоа училиште, малолетник кој е осомничен дека пукал од пиштолот на татко му.

Евакуираните ученици, меѓу кои и соучениците на уапсениот ученик, велат дека се работи за момче кое го опишуваат како тивко и повлечено.

Тие наведуваат и дека не бил проблематично дете. „Немаше мотив да го направи ова“, велат вознемирените деца.

Друга девојка за напаѓачот вели дека тој секогаш бил фин и имал добри оценки, бил добар ученик и дека никогаш не би го очекувала тоа од него.

Ученик од неговото одделение наведува дека испукал над 20 куршуми, дека менувал шаржери и пукал низ училницата.

Момчето ја застрелало поранешната учителка со пиштолот на татко му, го убил чуварот, а точниот број на ранети сѐ уште не се знае.

„Нова“ го пренесува сведочењето на девојка која била сведок на пукањето.

„Почна да пука по случаен избор, држеше два шаржери во рацете, легнав врз двајца наши другари за да помисли дека и јас сум мртва…“, опишува таа.

Наводно, вооруженото момче прво упаднало на час по историја, каде што отворило оган.

„Почна да пука каде што ќе стигне, имаше два шаржери во раката, прво ја застрела наставничката по историја, а потоа продолжи понатаму. Уби двајца наши другари, јас легнав врз нив, за да помисли дека сум мртва. Излезе од училницата, а истрелите продолжија да се слушаат. Кога станав го видов мртвиот Драганче“, раскажа девојката за „Нова“.

Како што објасни, ученикот одел во исто одделение со неа.

Во Тиршова се префрлени три деца, од кои едното е во животна опасност и итно е префрлено во операциона сала со повреда на главата, соопштија за Танјуг во таа установа. Доктор Марко Егзеговац од Ургентниот центар за РТС изјави дека двајцата повредени се надвор од животна опасност.

Таткото на девојчето кое за време на пукањето истрчало од училницата вели дека таа му рекла дека тоа е нивни соученик, инаку одличен ученик, кој со студен израз на лицето влегол во училницата и пукал.

„Ќерка ми беше во тоа одделение, беше во училницата каде тоа момче ги испука првите истрели кон учителката, а потоа почна да пука во децата кои беа под клупите, а моето дете истрча надвор“, изјави овој татко за Н1, додавајќи дека тогаш имале час по историја.

Припадници на Министерството за внатрешни работи во Белград биле известени дека утринава во 8 часот и 40 минути дошло до пукање во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Врачар. Полицијата ги испратила сите расположливи патроли, веднаш излегла на терен и го привела осомничениот малолетник, ученик од седмо одделение, кој, како што се сомнева, испукал неколку истрели од пиштолот на неговиот татко во правец на учениците и обезбедувањето на ова училиште.

Блокирана е улицата и голем дел од Врачар, од Славија до училиштето. На терен се 10 екипи на Брза помош.