Во првите три месеци годинава бројот на починати е за 1.577 лица поголем од бројот на родените


Бројот на живородените деца во првото тримесечје од 2023 година, во споредба со истиот период лани, е намален за 8,8 отсто и изнесува 3.656 живородени деца, соопшти Државниот завод за статистика.

Бројот на умрените лица, пак, во првото тримесечје од 2023 година бележи намалување од 29,5 отсто во споредба со истото тримесечје од 2022 година и изнесува 5.233 лицa, а од нив пет се умрени доенчиња.

Природниот прираст е негативен – 1.577 лица што значи, за толку лица бројот на живородените деца е помал од бројот на умрените лица.

Бројот на склучените бракови во ова тримесечје од годината е намален за 2,9 отсто во споредба со истиот период од 2022 година и изнесува 2.396 бракови.

Во ова тримесечје се добиени 336 извештаи за разведени бракови, што претставува намалување од 26,8 отсто во споредба со истото тримесечје од 2022 година.