Во првите 48 часа АДА има услужено 1.321 граѓанин


 

Првиот дигитален асистент во јавниот сектор базиран на вештачка интелигенција, АДА, во првите 48 часа од лансирањето услужил 1.321 граѓанин, соопшти вицепремиерот Фатмир Битиќи на неговиот фејсбук профил.

„Транспарентност, ефективност и ефикасност е целта која ја сакавме и која се постигнува со АДА веќе во првите 48 часа од нејзиното лансирање“, вели Битиќи.

Тој објави пресек на активностите на АДА во овие два дена: има дадено јавни услуги кон 1.321 граѓанин и со нив има разменето повеќе од 24.877 пораки, разговори кои граѓаните ги имаат донесено до бараните информации и документи. АДА во последните 48 часа била активна 166.000 секунди или 46 часа“, посочува Битиќи.

АДА е дигитална алатка, дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција, кој дава информации и услуги за граѓаните и бизнис секторот.

Во оваа прва фаза, АДА на сите заинтересирани граѓани и компании ќе им ги нуди сите информации за поддршка на инвестиции по Планот за економски раст, сите повици од програмата на ФИТР, како и условите за инвестирање во нашата земја преку ТИРЗ. Во иднина АДА ќе дава и други услуги од јавниот сектор.

Во оваа фаза АДА обезбедува првични информации и податоци за потенцијалните и постоечките инвеститори. Крајната цел на разговорот со АДА е да ги поврзе инвеститорите и граѓаните со вработените административни службеници, од соодветната институција, со цел заокружување на процесот преку потпишување на договори за финансиска поддршка за инвестиции или апликација на некој од повиците на ФИТР.

АДА за граѓаните на едно место ги сумира сите потребни информации и ги води во процесот додека да го најдат она што вистински одговара на нивните потреби, од удобноста на нивниот дом или работно место, а друга страна ги унапредува работните места, процесите и ефективноста и продуктивноста на вработените во јавниот сектор.

„АДА е промената која ни е потребна и за која постојано зборуваме, на дело!“, напиша вицепремиерот Битиќи.