Во продажба билетите за јубилејниот 20. ОФФ-Фест


Влезниците за јубилејното 20. издание на традиционалниот ОФФ-Фест, што годинава ќе се одржи од 9 до 13 ноември, се веќе достапни (во строго ограничен број) на билетарницата на НОБ и на mktickets.mk

Фестивалот годинава е сочинет од 5 концертни настапи и еден документарен филм. ОФФ-Фест 2021 ќе го отвори, на 9 ноември (вторник), извонредното португалско/шпанско дуо Lina_Raül Refree, коешто испорачува осовремено и надградено фадо, музика што ги надминува географските одредници. Сеќавањата на големата португалска пејачка легенда Amália Rodrigues (1920-1999) ќе бидат освежени, не само со овој концерт, туку и со проекцијата на документарниот филм „The Art of Amalia”, посветен на култната кралица на фадото. Мистичниот минимализам, имагинарниот фолк и нескротливата музичка фантазија и вештина на словенечкото трио Širom, во комбинација со апокалиптичната самба на извонредниот гитарист/композитор и воедно еден од најзначајните експоненти на современата бразилска музика Kiko Dinucci, ветуваат, на 11 ноември (четврток), исклучително концертно доживување од највисок ранг. Конечно, на 13 ноември (сабота), величествената моќ на еден од најинвентивните и најоригиналните африкански автори Blick Bassy (Камерун / Франција) ќе ја пресретне неодоливиот шарм, визија и поезија на нашиот Pijan Slavej, новиот проект на Бранислав Николов – фронтменот на Фолтин.

Сите концерти на годинешниоте ОФФ-Фест ќе бидат одржани во Националната опера и балет.