Во Прилепско почна социјалната услуга „Медицинска сестра во заедницата“, прва во Македонија


– Во Прилеп, Кривогаштани и Долнени денеска почна да се спроведува социјалната услуга „Медицинска сестра во заедницата“, прва од ваков вид во Македонија. Во моментов на теренот во урбаните и руралните средина на 20 лица од ранливи категории медицинска услуга им нудат осум медицински сестри, двајца психолози и еден физиотерепевт.

Според Марина Тошеска, од Центарот за развој и едукација од Прилеп, кој во соработка со Центарот за социјални работи ја спроведува услугата, фокусот е и на руралните средини.

– За граѓаните на кои им е неопходна медицинска помош во домот, од април почна социјалната услуга „Медицинска сестра во заедницата која сака да овозможи здраво и пристојно стареење на старите лица, меѓутоа и поддршка за лицата со хронични заболувања, на лицата со попреченост и сите оние кои се соочуваат со здравствени проблеми, а живеат во социјален ризик, односно, во сиромаштија. Фокусот ни е ставен и на руралните средини. Затоа, со оваа услуга ќе се потрудиме што повеќе да ги опфатиме лицата кои живеат во сиромаштија, а имаат и здравствени проблеми и не можат да пристапат до соодветна здравствена грижа во селата на оваа територија. Ова е за првпат во Прилеп, Кривогаштани и во Долнени да имаме заедно социјална и здравствена услуга и го прошируваме спектарот на услуги кои ние како здружение можеме да ги обезбедиме за нашите граѓани, рече Тошеска.

Прилепскиот Центар за социјални работи ја нуди помошта со што сака во оваа услуга да бидат вклучени лицата кои се на листата на чекање. Се надеваат дека ќе стане законско решение и ќе ја прифатат и другите општини.

-Услугата „медицинска сестра во заедницата“ е прва во Македонија. Улогата на Центарот во моментов е вкрстување податоци. Станува збор за ранливи семејства каде има болни членови. Во соработка со здружението  се договоривме да излеземе во пресрет со вкрстување податоци. Имено, сите оние кои не можеа да добијат помош и нега во домот поради недостиг на негуватели, како добра практика, сфативме дека можеме да ги размени податоците и да им овозможиме на сите оние од листата на чекање, барем времено, да добијат медицинска нега во домот. Предност ќе имаат возрасни лица, но и оние кои имаат намален функционален капацитет. Ова е многу добра практика. Се надевам и другите општини ќе ги преземат овие добри практики и ќе стане и законско решение. Центарот за социјални работи стои на располагање, рече Зоран Малкоски, директор на Центарот за социјални работи од Прилеп.

Проектот е поддржан од автриското Министерство за труд, социјална политика, здравство, нега и заштита на потрошувачи со менторска заштита од организации од Република Австрија кои имаат исто искуство. Ваков тип за посеопфатна грижа за првпат има и во Република Македонија.

За разлика од услугата помош и нега во домот, „Медицинска сестра во заедницата“ е привремена. Веќе се опфатени 20 лица, а до завршувањето на проектот, септември 2026 година, треба да се опфатат околу 500 лица. Услугата е целосно бесплатна. Лицата кои имаат потреба може да се пријавуваат.