Во прилепскиот театар се подготвува „Дупло дно“ од Горан Стефановски
Во прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ почнаа подготовките на новата претстава „Дупло дно“ од Горан Стефановски во режија на Наташа Поплавска. Премиерата ќе биде во средината на мај.
Режисерката Поплавска по втор пат на сцената од театарот поставува текст од македонскиот драмски автор Горан Стефановски. Поплавска напомена дека неговите дела за неа секогаш се предизвик.
– За мене Стефановски сѐ уште е „жив“ и секогаш ќе биде, поради неговите дела кои се секогаш актуелни. Природно беше со Прилепскиот ансамбл да имаме повторна средба со Стефановски и тоа овој пат со „Дупло дно“. Драмата е напишана во 1983 година и говори за уметникот и неговата борба за слобода на духот, наспроти тоталитаризмот. Горан е еден од ретките уметници кој остана доследен на себе и остана да биде единствено уметник. Колку дна има дното е моето прашање на кое ќе бараме одговор заедно со актерите на Прилепскиот театар. Иднината за која пишува Горан за нас е сегашност, а кој знае која е иднината? Што е драма, а што е стварност?, вели Поплавска.
За режисерката, претставата ќе биде нејзин можен одговор на прашањата кои Горан Стефановски ги поставува.
Оваа е првата од четирите претстави на прилепскиот театар поддржани за оваа година од Министерството за култура.