Во прилепската текстилна индустрија пристигнаа работници од Непал


 Во текстилната индустрија во Прилеп пристигнаа девет работници од Непал, а се очекуваат уште десетина. Увозот на работна сила е во почетна фаза, но го отвора прашањето за состојбите со домашната понуда на пазарот на трудот.

Прилепските стопанственици наведуваат три причини за увозот на работна сила.

-Едната е дека што до овој момент тие немаат доволно квалификувана работна сила на домашниот пазар на трудот. Дуалното образование не ги даде посакуваните резултати во овој момент и, исто така, образовните процеси што ги имаме во државава не се адаптирани на барањата на  постојното стопанство. Втората причина е дека и воопшто нема ниту неквалификувана работна сила. Значи, нема од каде да ги добиете идните работници за прво да ги преквалификувате, или, доквалификувате. Трета причина е слабата продуктивност на нашите вработени изјави Никола Мариноски, претседател на прилепската Регионална стопанска комора. 

Слабата продуктивност, како што кажа, дополнително носи некомпетентност на компаниите, понатаму на европските пазари.

-Затоа стопанствениците се решаваат да увезат вработени од други држави за да видат во што е причината за некој вработен, на истите работни позиции од друга држава да биде попродуктиовен од нашите работници, рече Мариноски.

Според професорот од економскиот факултет во Прилеп,  Димитар Николоски, експерт за пазарот на трудот има повеќе причини за ниската продуктивност и немањето соодветен кадар за да ги задоволи потребите на пазарот.

-Ниската продуктивност е последица на долгогодишниот нестратешки пристап во адаптирање на самиот образовен систем кон потребите, така што, од една страна имаме профили кои не одговараат на идните предизвици кои со себе ги носат, да речеме, дигиталната, зелената транзиција и кои наметнуваат сосема нови потреби од вештини со кои не располага работната сила во Македонија. Од друга страна имаме добар дел млади кои се иселени од државата и кои, доколку би биле тука, секако значително би придонесле за економскиот развој, смета Николоски.

Причината за недостиг на работна сила со потребните вештини е во долгогодишната ерозија на човечкиот капитал со што, пред сѐ, долгорочно се соочуваат невработените, а и другите ранливи категории на граѓани, како и недоволната флексибилност на самиот образовен систем. Неопходни се реформи во образовниот систем.

-Неопходна е реформа на образовниот систем, во смисла на воведување нови профили во средното стручно образование, осовременување на постојните профили, воведување нови студентски програми во високото образование. Понатаму, за активните мерки на пазарот на трудот се мошне важни, пред сѐ, обуките кои се однесуваат на побарувани занимања. Не треба да го заборавиме и неформалното образование, обуките на самите работни места во компаниите кои, исто така, се мошне важни за да се произведе работна сила со побаруваните вештини, изјави Николоски.

Стапката на невработеност во земјава е околу 13 проценти, релативно висока за меѓународните стандарди, а активноста на работната сила е меѓу најниските во регионот.