Во прилепската болница има 30-ина слободни кревети и доволно персонал, стигнуваат волонтери матични лекари


Со новиот ковид-оддел на гинеколошкото одделение, прилепската болница  се вбројува во врвот на општите болници во државава со најмногу слободни места за хоспитализација на пациентите со Ковид-19. Хоспитализирани се 110 пациенти, за жал постојано пристигнуват нови, но располага со 30 слободни кревети и пациентитте се примаат без особени ограничувања.

Како што објаснува инфектологот Мирјана Крстеска, раководител на инфективното одделение, во моментов имаат можност за хоспитализација и нега на пациентите.

– Во моментов се хоспитализирани 106, се примаат нови и бројката е до 110, а на располагање се 140 болнички кревети. Заедно со новиот Ковид-центар кој е на гинеколошкото одделение, сосема одвоено од акушерскиот оддел. Со тоа малку се разлабави работата за да може да примаме пациенти. Во моментов имаме 30 слободни кревети.  Може да примаме пациенти без некои ограничувања, изјави Крстеска.

Нема проблем со персонал во моментов, особено со медицински сестри и со болничари и негуватели. На помош пристинуваат матични лекари-волонтери, а досега се четворица.

-Со пероналот сега сме многу подобри. Доаѓаат и од други места.  Лекари немаме многу, да признаеме, но имаме доволно медицински сестри и болничари. Имаме волонтери матични лекари. Еден веќе цел месец волонтира, и со други тројца, сега имаме вкупно четворица матични лекари кои волонтираат.  Помлади се, но многу добро се снаоѓаат во работата, вели инфектологот Крстеска.

Има доволно и антибиотска терапија, а новите лекови ќе пристигнат откако ќе бидат достапни на  Инфективната клиника во Скопје.

Според епидемиолозите, последната недела е иста со претходната. За една недела има 425 новозаразени, активни се 965 случаи. Од речиси 110 хоспитализирани, 53 се на кислородна поддршка. Од почетокот на епидемијата во земјава, повеќе од 2.600 се заразени и 114 починати. Само во последната недела починале 18 лица.