Во Прилеп веќе нема кластери, целиот град е кластер на Ковид-19


Жариштата не можат да се откријат, затоа што заболените не знаат ни каде се заразиле ни од кого

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Ситуацијата со ширењето на корона вирусот во Прилеп е повеќе од загрижувачка. Вирусот го има насекаде. „Веќе не се следат кластери, бидејќи голем број од заболените не знаат ни каде се заразиле, ни од кого. Тоа значи дека се шири вирусот по популацијата интензивно без да знаат кој од каде се заразил“, вели за „Независен“ со значајна доза на загриженост епидемиологот Татјана Мургоска-Станимировиќ од Центарот за јавно здравје во Прилеп.

Во Прилеп речиси секој ден во последниот период се бележат високи бројки на заразени со Ковид-19. Вчера беа потврдени 78 нови случаи, а денеска 51. Во последната недела се потврдени 399 случаи. До 28 октомври активно болни беа 366 лица, за денес болеста да е во тек кај 649 позитивни на вирусот.

Од почетокот на кризата во Прилеп се евидентирани 1.571 случаи на Ковид-19.

Најголем дел од заболените се од градот, но вирусот веќе допира и до околните општини, кои во изминатиот период имаа многу малку заболени граѓани. Заболените се од сите возрасти, најголем дел е од помладата популација од 20 до 39 години, кои според епидемиолозите ги заразуваат повозрасните во своето семејство. Но, меѓу заболените има и млади, средношколци.

Во училиштата онаму каде се посетува настава има поединечни случаи кои се под контрола, бидејќи таму се почитуваат препораките и протоколите. Вирусот влезе во две прилепски училишта, на едно место е дете, а во другото школо наставник, во градинките  нема заразени во моментот, зошто секој нов случај се третира навремено. Вирусот се шири и во многу работни организации, но во овој период не се издвојуваат поголеми кластери.

„Вирусот интензивно се шири не само во градот Прилеп, каде што имаме најголем дел од заразените, туку и во општините кои спаѓаат под Центарот за јавно здравје Прилеп. Вирусот се шири и во Долнени, Кривогаштани, во Крушево, каде долго време немавме позитивен на вирусот. Имаме заболени и во Македонски Брод, каде беше мирна ситуација, сега почнуваат и од таму да се јавуваат’, вели епидемиологот Мургоска-Станимировиќ.

Во Крушево досега се заразени 35 лица, а болеста е активна кај 13 лица. Во Македонски Брод досега се дијагностицирани 106 случаи, активни се 9.

За жал неповолната состојба со корона вирусот драматично се одразува и на бројот на починати пациенти. Само вчера црната статистика изброи четворица починати пациенти од Прилеп. За една недела починаа 14 лица. Вкупната бројка на починати од почетокот на кризата се искачи на 68.

Најчесто починатите лица позитивни на вирусот претходно имале и други  коморбидитети, велат од ЦЈЗ.

„Загрижувачка е состојбата, но може да се каже и алармантна. Повикуваме да се почитуваат мерките, граѓанит да покажат поголема свесност, да се однесуваат одговорно сама така сите заедно можеме да ја ставиме под контрола ситуацијата. Да не се кријат контактите зошто по ден или два тие контакти се тестираат и имаат позитивен тест. Значи, не може да останат неоткриени, само што тоа се случува премногу доцна. Битно е секој сам да е свесен и да се изолира доколу бил во контакт со позитивен и сомнителен“, порачува епидемиологот Мургоска-Станимировиќ.

Заради влошувањето на состојбата со вирусот Општина Прилеп почнувајќи од денеска работи со редуциран капацитет, а започна и новата акција за дезинфекција на улиците во градот, во централното градско подрачје, како и главните улици во сите населби.

Градоначалникот, Илија Јованоски, упатува апел до граѓаните на општина Прилеп, доследно да се почитуваат мерките за заштита, односно да се носат заштитни маски, да се одржува неопходната физичка дистанца и редовно да се одржува личната хигиена. Согласно развојот на ситуацијата со вирусот, Општина Прилеп континуирано ќе презема локални мерки за намалување на трансмисијата на заразата во градот и населените места, информираат од општината.