Во Прилеп свечено е отворен 56. МТФ „Војдан Чернодрински“


Со доделувањето на наградите за животно дело на актерката Бедија Беговска, доајен на Tурскиот театар и на драмскиот писател Русомир Богдановски и со првата претстава во конкуренција „Народен непријател“ на МНТ, синоќа во Прилеп свечено беше отворен 56. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

При свеченото отворање Катарина Коцевска Хаџивасилева, директорка на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ од сцената во Центарот за културата „Марко Цепенков“ порача дека ништо не може да го замени чудото на уметноста во живо, особено пред полна сала публика.

– Посебна е радоста да се види полна сала публика. Ланскиот фестивал беше во вонреден термин, ама мораша со 30 насто гости поради ковид-протоколите. Тоа беше тажно и за нас, актерите. Театарот дише со публиката, ја чувствува таа силна размена на енергија и тоа на актерите им дава радост, мотив за играта. Ништо не може да го замени чудото на уметност во живо. Овој Фестивал е најголемиот театарски фестивал кај нас, опстои 56 години токму поради вас, публиката. Еден светски автор вели: Морате да верувате дека вашата работа некого ќе го израдува, и дека тој, некој, кога ќе излегува од театарот ќе биде поубав од пред да влезе да ја гледа вашата претстава. И ако помисли дека многу беше добро, вие сте направиле чудо. Сте создале нов човек кој за миг доживеал малку среќа во свет на сопствена и планетарна депресија, нагласи Коцевска Хаџивасилева.

На актерката Бедија Беговска и драмскиот писател Русомир Богдановски им беа врачени наградите за животно дело. И двајцата се среќни за големото признание, посебно благодарни на публиката.

– Многу сум среќна и задоволна што ја добив наградата. Јас велам, уметниците не стареат, но само да се здрави. Со многуте улоги во театарот добив многу. А најмногу од публиката. И благодарам на фестивалската публика, рече Беговска.

Драмскиот писател Русомир Богдановски по добивањето на наградата рече дека е многу среќен што ја добива наградата за животно дело.

– Велев ќе пишувам за вас, актерите, а ништо не е потешко од тоа, но пишувам и за публиката зашто таа е смислата на театарот. Затоа и оваа награда ја чувствувам како признание, рече Богдановски.


Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески прогласувајќи го за отворен Фестивалот, смета дека тој е насушна потреба не само за градот, бидејќи ја отсликува потребата од идентификација на културата и традицијата

– По 56. пат, театарската фела ќе биде светлината во која на најдобар начин ќе бидат отсликани стремежите во нас. Од вечерва ќе имаме можност да уживаме во симбиозата на најактуелното во театарот во земјава. Фестивалот е насушна потреба не само на градот, туку и на државата бидејќи ја отсликува потребата од идентификација на културата и традицијата, рече Јовчески.

Во конкуренцијата за награди се осум претстави на македонските театри. На вториот фестивалски ден, на програмата се две претстави. Од 19 часот на сцената од Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе биде одиграна претставата „My name is Goran Stefanovski“ (Моето име е Горан Стефановски) во режија на Бранислав Миќуновиќ, а во продукција на Драмски театар од Скопје. Од 22 часот, на матичната сцена, прилепскиот театар ќе ја одигра претставата „Декамерон“ во режија на Мартин Кочовски.