Во Прилеп веќе нема кој да прави скара


 

Се зголемува проблемот со недостиг од персонал во угостителските објекти во Прилеп. Најтешкиот месец за угостителите – февруари го продлабочи проблемот со недостигот од персонал, а сега и со преполовен број посетители во објектите. Ако лани, преку летото, заминале над 7.000 Македонци, главно во Хрватска, годинава и не може да се предвидат бројките. Особено што се заминува во приватна режија.

Јорданчо Момироски, претседател на здружението за угостителство и туризам „Меанџии“ од Прилеп вели дека во 80-те угостителски објекти со околу 600 вработени, има потреба за барем уште 200 угостителски работници.

„Зимата, особено февруари, е вообичаено тежок период за угостителството, а годинава уште повеќе. Проблемот е уште поизразен во хотелите и рестораните каде е неопходен попрофесионален кадар, отколку во кафулињата. На ова се додава проблемот со намалениот број гости. Мора да се признае, корона-пандемијата остави траги и намалено е дружењето во кафулињата“, вели Момироски.

Долгогодишниот угостителски работник Драги Петкоски вели дека од Прилеп, главно, се заминува во Хрватска на сезонска работа. Секој има своја причина, посебно младите.

„Сезоната на заминување на келнери, готвачи и друг угостителски персонал почнува од април и е до септември. Се работи таму и до 14 часа дневно за да се заработи. Сметам дека и овде може да се заработи, јас сум долги години во угостителството. Но има и други причини, особено за младите кои сакаат да имаат подобар живот во европските земји“, смета Петкоски.

Никој од угостителството не може да каже како да се реши проблемот со недостигот од персонал кој станува уште поизразен. Угостителите, вели Момироски, се снаоѓаат како знаат и умеат.

„Во сезонскиот период бараме и млади да работат, од училишните клупи. Се користат некои програми од Агенцијата за вработување за преквалификација и обука, па така се снаоѓаме како знаеме и умееме. Никој не може да каже како да се најде конкретно решение. Има капацитети, некои наши колеги од земјава дури прават пренамена за да опстојуваат, а од друга страна,пак, тренд во последно време се маалските кафулиња. Сепак, проблемот со недостиг од персонал останува нерешен“, вели Момироски.