Во пресрет на митингот на СИРИЗА во Солун приведени 25 лица

Грција– Грчката полиција синоќа во Солун приведе 25 лица, поради учество на протест против Договорот од Преспа во пресрет на предизборниот собир на владејачката партија СИРИЗА на кој се обрати премиерот Алексис Ципрас, објавија грчките медиуми.

На шестмина од уапсените им е одредена мерка притвор, а останатите се пуштени на слобода. Според локалните медиуми, дел од приведувањата биле превентивни пред почетокот на митингот, а шесттемина биле уапсени затоа што не ги почитувале наредбите и упатствата од грчката полиција. Останатите 19 лица биле ослободени по завршувањето на митингот.

Поради предизборниот митинг на СИРИЗА, Солун вчера беше под силни безбедносни мерки.

Во пресрет на говорот на Ципрас на солунското пристаниште, се одржаа два различни и меѓусебно неповрзани протести, но со мала масовност. Едниот против Договорот од Преспа, другиот во знак на поддршка и солидарност со затворениот лидер на терористичката група „17 Ноември“, Димитрис Куфодинас.

На протестот против Договорот од Преспа, мала група граѓани со пано „Ципрас предавник“ извикуваше слогани дека „Македонија е грчка“.

На вториот протест, припадници на анархистички групи и здруженија со пано „Дозвола за Куфодинас“ изразија поддршка за лидерот на „17 Ноември“, кој е осуден на 11 доживотни затворски казни и кој од 2 мај штрајкува со глад, барајќи дозвола за неколкудневен излез од затворот.

И двата протести се одржаа пред почетокот на предизборниот говор на Алексис Ципрас.