Во пресрет на фајнал-фор турнирот во Келн: Голманот на Вардар ќе се сели во Бундеслигата


Дејан Милосављев, српскиот интернационалец на голот на Вардар, по само една сезона помината во Скопје одлучи да побара нов предизвик во кариерата.

Српскиот голман, кој оваа сезона блескаше на голот на Вардар, од следната година се сели во германската Бундеслига, најсилното ракометно првенство во Европа, во екипата на Фуксе Берлин.

Денеска официјално беше потврдено дека Милосављев потпишал договор со новиот клуб кој ќе има важност до 2024 година.

„Милосављев е еден од најталентираните голмани во Европа. Иако е млад, тој веќе сега брани извонредно и горди сме што успеавме да го донесеме во нашиот клуб“, изјави Велимир Петковиќ, тренерот на Фуксе Берлин.

Ниту Милосављев не го криеше своето задоволство што кариерата ќе ја продолжи во Германија.

„Отсекогаш сум сонувал да заиграм во Бундеслигата, а со овој трансфер сонот станува реалност. Ова е голем предизвик за мене и едвај чекам да започнам со настапите во Фуксе“, изјави Милосављев.

Навивачите очекуваа српскиот голман да остане во Скопје по најавите дека Вардар по финансиските проблеми ќе се консолидира, но ситуацијата во таборот на „Црвено-црните“ се уште е неизвесна и покрај големите најави, па Милосављев одлучи да се пресели во Германија.