Во Прешовце отворена градинка за 147 деца


Пуштена во употреба нова градинка во селото Пршовце со капацитет за 147 деца, а на отворањето шрисуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, и градоначалникот на општина Теарце, Даут Мемиши.

Изразувајќи задоволство за пуштањето на објектот, претседателот на Владата, Мицкоски, им се заблагодари на сите што посветено работеле и помогнале во реализацијата на овој значаен проект за регионот.

– Би сакал да кажам дека сум исклучително среќен што денеска, заедно со колегите од Владата, со градоначалниците, со градоначалникот на општина Теарце, со пратениците од македонското Собрание, со граѓаните на општина Теарце, сведочам на пуштање еден објект, кој е многу значаен за оваа општина, но и пошироко, би рекол, има регионално значење. Со пуштањето во функција на овој објект веќе немаме листа на чекање, односно капацитетите се, што се вели, исполнети – 147 дечиња ќе може да растат, да другаруваат и да ги поминуваат своите детски години токму во овој прекрасен, енергетски ефикасен објект – истакна Мицкоски.

Владата, нагласи премиерот, ќе продолжи и во иднина да финансира проекти во локалната самоуправа.

Ресорниот министер Ѓоко Велковски истакна дека ќе продолжи трендот за отворање нови детски градинки и во наредниот период. Според него, до крајот на 2028 година треба да заврши изградбата на 37 објекти кои ќе бидат ставени во функција на граѓаните.

– Тоа значи дека повеќе од 3.700 дечиња во тој момент ќе бидат дел од детската заштита како дополнителни. Со тоа ќе го надминеме оној проблем што го имаме со години со листите на чекање во Македонија. Министерството за социјална политика, демографија и млади, заедно со оној план што го направивме со локалните самоуправи и директната поддршка од премиерот и Владата, до 2028 година она што го има зацртано како план и активности ќе го реализира во целост – рече тој.

Градоначалникот Даут Мемиши посочи дека за изградба на објектот и за опремување се вложени 808.000 евра, од кои најголемиот дел е од Европската Унија.

– Дојде и овој ден – новата градинка, по многу години чекање и процедури, да функционира. Ова е простор во кој ќе растат нашите деца и ќе се направат првите чекори кон знаењето, првите пријателства – истакна градоначалникот Мемиши.

Градинката се наоѓа во населеното место Пршовце и има 12 вработени.