Камион се излизгал на автопатот „Пријателство“ – во прекин сообраќајот Демир Капија – Смоквица


Фото: Б. Грданоски

 Од 15.50 часот целосно во прекин е сообраќајот на патниот правец А1 Демир Капија – Смоквица и сообраќајот ќе се пренасочува по алтернативниот патен правец Р 1102, информираат од ЈП Македонијпат. 

Камион што се излизгал, а потоа и се извртел на автопатот „Пријателство“, на делницата од Демир Капија до Смоквица, целосно го прекина сообраќајот на овој патен правец од 15:50 часот, а возилата се пренасочуваат по стариот пат. 

Веста ја потврди Виктор Паласкаров, раководител на Секција Гевгелија при ЈП „Македонија пат“.

Соред него, сообраќајот е прекинат кај местото Јаворица во близина на тунелите кај Демир Капија и надлежните органи преземаат мерки за извлекување на извртениот камион, а дотогаш сообраќајот ќе се одвива по стариот пат.

Инаку, сообраќајот на овој патен правец во обратна насока од Смоквица кон Демир Капија се одвива без проблеми во зимски услови, а „Македонија пат“ со целокупната расположива механизација и работна сила е вклучена во расчистување на патиштата во овој дел на државата. 

Од ЈП Македонија пат информираа дека во текот на целиот ден вршат расчистување на снегот на државните патишта со сите технички и човечки ресурси и ги одржуваат сите патни правци проодни.
 
По интервенцијата на дежурните екипи на ЈП Македонија пат, сообраќајот се одвива во зимски услови по влажни коловози со остатоци од кашест снег на коловозот
 
Исто така во расчистување на магистралните и регионални патишта ангажирани се компании кои соработуваат со ЈП Македонија пат, како  навремено би се справиле со снежните наноси.
 
Повторно апелираат до сите возачи да ги почитуваат законските одредби за одвивање на сообраќај во зимски услови и задолжително да поседуваат зимска опрема за возилата, внимателно да управуваат со возилата, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација, како и да ги почитуваат препораките од сообраќајните служби особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони.
 
Информираат дека сообраќајот на сите државни патишта се одвива во зимски услови и затоа препораките се да се следи временската состојба посебно оние граѓани кои планираат да патуваат за навреме да се информираат од сообраќајните служби за условите на патиштата.
 
Сите детални информации учесниците во сообраќајот можат да ги добијат од дежурните служби на ЈП Македонија пат на телефонот 02 25 61 502.