Десет милиони евра повеќе за културата во 2022 година


Предлог буџет за култура за следната година изнесува 3,85 милијарди денари или 62.692.000 евра. Во фокусот ќе бидат капиталните инвестиции и санации во културата, во висина од 10 милиони евра, информираше денеска на прес-конференција министерката за култура Ирена Стефоска.

Во врска со капиталните инвестиции и санации, средствата конкретно се наменети за втората фаза од изградбата на турскиот театар во Скопје, реализација на следната фаза од изградбата на театар и библиотека во Тетово, завршни работи на театарот во Струмица, втора фаза од реконструкција на театарот во Куманово, втора фаза од реконструкција на Центарот за култура Кочани, втора фаза од реконструкција на Центарот за култура во Гостивар, реконструкција и санација на покривот на Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, како и за други проекти кои ќе бидат одобрени во годишната програма од областа на инвестициите за 2022 година наменети за националните установи.

Стефоска посочи дека заштитата на културното наследство и понатаму останува врвен приоритет. За таа цел, оваа година буџетот на Министерството и на Управата за заштита на културно наследство е близу 194 милиони денари, или 3.200.000 евра.

За програмата културно наследство во опасност која е поставена за прпват во буџетот за оваа година, Стефоска рече дека останува истата висина на средства и за следната година, односно 12 милиони денари.

-Приоритет и натаму ни е заштита како на материјално, така и на нематеријално културно наследство. За блок дотациите кон општините, предвидени се речиси 6 милиони евра. Се разбира, процесот на ЕУ интеграциите и понатаму останува во фокусот на Министерството и се разбира и грижата за младите уметници во земјава, додаде министерката.

Таа напомена дека културата во вкупниот буџет на државата учествува со 1,49 проценти. Тоа, како што рече, ни од далеку не е доволно, но, посочува, одговорното донесување кон народните пари во време на здравстевна и економска криза бара секој вложен денар во културата да биде соодветно потрошен.

Целта е, како што рече, во следните години 4 проценти од вкупниот буџет да биде одвојуван за културата.

Инаку, предлог буџетот за културата за 2022 година е речиси 10 милиони евра повеќе од буџетот со кој располагавме оваа година. Министерката рече дека за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2022 година од буџетот се издвоени околу 17 милиони евра. Тоа е, како што рече, над 1-ипол милион евра повеќе за оваа намена од средствата со кои располагавме за проектите од оваа година.

Годишниот конкурс годинава за првпат е реализиран преку електронска апликација.

-За таа цел, одржавме обуки во повеќе градови, направивме видео упатство за правилно користење на апликацијата, видливо и транспарентно беа поставени условите за секоја дејност одделно, отворивме телефони за консултација и техничка поддршка како и мејл адреси за прашања од корисниците во секоја дејност. Ме радува што голем број апликанти изразија задоволство од професионалниот и транспарентен однос на Министерството за култура, рече Стефоска.

Конкретно, на конкурсот пристигнаа 3.800 пријави кои автоматски за првпат добија и архивски број. Рокот за аплицирање на конкурсот е продолжен за уште 15 дена, поточно почнувајќи од утре, до 16 декември.

-По администартивната проверка на пријавите, службите констатираа дека голем број од пријавите се поплнети со нецелосно исполнети барања од Конкурсот. Од тие причини, а во интерес на корисниците, Министерството одлучи да даде дополнителен рок од уште 15 дена согласно член 39 од Законот за општа управна постапка.Значи уште 15 дена од утре корисниците што ќе добијат и-мејл, ќе можат да ги докомплетираат пријавите, рече Стефоска.

Таа додаде дека ова не подразбира нова пријава, туку само дополнување на веќе доставените пријави кои имаат архивски број, чиј рок е од утре, 2 декември, до 16 декември.

-Фактот дека речиси две третини од стасаните пријави во старт се нецелосни, што веројатно се должи на небрежноста,ж на апликантите, тоа не наведе на овој чекор, затоа што не смееме да го осиромашиме квалитетот на конкурсот, а компететивноста и конкуренцијата да ја сведеме на минимум, рече таа.

Како и во правата фаза од процесот, министерката рече дека и сега ќе бидат отворени дежурни телефони, преку кои вработените во Министерството за култура ќе бидат постојано во контакт со корисниците.

-Факт што овозможуваме дополнителен рок за пријави подразбира дека резултатите од конкурсот наместро на 20 јануари ќе бидат објавени најдоцна до правата половина на февруари наредната година, додаде Стефоска.