Во пожарот во Инспекторатот за животна средина изгорела сета хартиена документација


Се што било електронска документација е сочувано, но се тоа што е хартиена документација – тука имаме записници, решенија од спроведени надзори тоа го нема, сега ние тоа го обновуваме на различни начини, соопшти денеска в.д. директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска во однос на пожарот во Инспекторатот.

Таа во одговор на прашање по денешната прес-конференција посочи дека најтежок начин е да ги добијат документите од инсталацииите што ги инспекторирале, но, како што посочи, тоа е можно и тоа го прават.

– Кога појдовме во Коњари, бидејќи мојата инспекторка водостопанска чувала обемна документација, а таа ја нема веќе, на лице место ги повлековме сите документи, тоа го правиме секаде каде што одиме и во овој период ќе  ги враќаме документите назад, рече Петровска.

Во моментов таа не можеше да одговори колку била стара документацијата што изгоре во пожарот. Наведе дека за овие 17 дена откако работат интензивно приоритет им е да се на терен.

– Пет инспектори треба секаде да стасаат, да се искоординираме, да одговориме на секоја претставка. Верувајте на сите ни е неопходно да ги имаме тие стари податоци, но дајте сега во моментов да го решаваме тоа, рече Петровска.