Во пожарот е оштетена архивата, но има електронска евиденција, велат од Инспекторатот за животна средина


Во пожарот што утринава избувна во Инспекторатот за животна средина направена е штета во просторијата каде се чува архивата, но оттаму потврдуваат дека за сите документи имаат и електронска евиденција.

Во изјава за МИА, од Инспекторатот посочија дека е оштетена просторијата со архива со оглед на тоа што пожарот избувнал во соседната просторија. Оттаму информираат дека е причинета и друга материјална штета, меѓутоа не можат да кажат што конкретно е уништено, бидејќи тоа ќе биде познато откако ќе заврши увидот.

Во тек е истрага на полицијата и надлежните институции, а се сослушуваат и вработените во Инспекторатот, како и останатите кои во моментот на пожарот се затекнале во зградата.

Пожарот во зградата на поранешна Комерцијална банка каде се сместени повеќе државни институции, како и МИА, избувна утринава околу 06:50 часот, а беше изгнаснат во 08:50 часот. Интервенираа 24 пожарникари со девет возила.