Во пожар во рудник во Казахстан загина најмалку 21 лице


Најмалку 21 лице загина во пожар во рудник во Казахстан, соопшти денеска Арцелор Митал Темиртау, локалната единица на луксембуршката челичарница која работи со рудникот.

Од 252 лица во рудникот Костенко, 208 се евакуирани, а 18 побарале лекарска помош, се наведува во соопштението на компанијата.

Дваесет и три лица не беа лоцирани до полноќ по локално време. Казахстанскиот претседател Касим-Зомарт Токаев, кој изрази сочувство до семејствата на жртвите, и нареди на владата да ја прекине инвестициската соработка со Арцелор Митал Темиртау.

Во соопштението на Владата се вели дека го финализира договорот за национализација на компанијата што управува со најголемата фабрика за челик во земјата. Минатиот месец, првиот заменик-премиер Роман Скљар изјави за новинарите дека Казахстан е во разговори со потенцијални инвеститори кои би можеле да ја преземат фабриката.

Тој рече дека владата не е задоволна од неуспехот на Арцелор Митал да ги исполни своите инвестициски обврски, да ја надгради опремата и да ја обезбеди безбедноста на работниците по серијата фатални несреќи.