Во последниве шест недели притворени 26 дилери на дрога во Битола


 

БИТОЛА – Битолската полиција влезе во отворена битка со дилерите на дрога, ретки се деновите во полицискиот извештај да нема информација за фатен дилер на дрога. Според анализата на СВР Битола дадена за „Независен“, само во последните 45 дена, лишени од слобода се дури 26 дилери на дрога во Битола. При претрес кај нив се пронајдени и кокаин и друга прашкасти дроги, амфетамини, марихуана.

Пред четири дена полицијата извести за фатени тројца дилери на дрога кај античкиот локалитет Хереклеја, а во истиот ден полицијата притворила малолетник кој бил фатен со марихуана во населбата Стара Болница во строгиот центар на градот.

„За населбата со години наназад се зборува дека е наркоманско дувло, среде Битола, на два чекори до Широк Сокак. Дилери, наркомани, шприцеви на сите страни, наркомани лежат по влезовите на скалите. Ова што го прави нашата полицијата е за поздравување, се забележува засилената активност и има резултати. Но, факт е дека државата сѐ уште не пронајде ефикасен начин за справување со овој разорен проблем за општеството, особено за младите, зашто не е едноставно кога ќе прочиташ дека малолетник дилал дрога. На кого? Сигурно не на нас постарите, туку на негови врсници од основно или средно школо“, вели Љупчо, жител на населбата Стара Болница. 

Пред еден месец битолското обвинителство извести за одреден притвор на 33 годишен битолчанец, кој бегајќи од полицијата по улица ја расфрлил дрогата.

„Осомничениот 33-годишник, во текот на мај и јуни годинава, во повеќе наврати од засега неидентификувано лице неовластено набавувал марихуана и амфетамин во различни количини, ги препакувал во помали пакувања и ги препродавал на наркозависници. На 14 јуни, бил забележан од полициски службеници кои му дале наредба да застане, но тој не послушал туку избегал. Бегајќи, од раката исфрлил 15 поединечни пакувања со вкупно 11 грама амфетамин и цигара со марихуана. На 15 јуни бил извршен претрес во неговиот дом, каде било пронајдено најлонско пакување со непозната материја, кое е дадено на вештачење“, објави Обвинителството.

Полициските извештаи сведочат дека дилерите на дрога не бираат место каде да ја сокријат дрогата, во визби и долапи, а кај еден од фатените дилери годинава, дрогата е најдена во стаклена тегла скриена во бебешка количка.

Во анализата на СВР Битола стои дека на подрачјето на градот Битола во јуни 2022, полициските службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје при Секторот за внатрешни работи Битола во делот на недозволената трговија со дрога имаат поднесено вкупно шест кривични пријави против шест сторители.

„Во текот на јуни на подрачјето на Битола извршени се осум претреси во домови и други простории како и еден претрес во возило при што лишени од слобода се 16 лица, а задржани во полициска станица  10 лица. Oдреден е притвор за две лица. Пронајдени и одземени се 10 пакувања со кокаин, четири пакувања со марихуана, две пакувања со амфетамин, две дигитални ваги со остатоци од марихуана и една дробилка со остатоци од марихуана“, вели Сања Стаматова, портпарол на СВР-Битола.

Во изминатите две недели во делот на борбата со недозволена трговија со дрога до денес приведени  се 10 лица при што поднесена е една кривична пријава по чл.215 од Кривичниот законик. (А.Б.)