Во пораст семејното насилство, жртви – жените, синовите сторители во 16 отсто од случаите


Во 2022 година се бележи пораст за 61% на пријавите за семејно насилство во споредба со 2018 година. 92% од сторителите се мажи, а 80% од жртвите најчесто се жени.

До овие заклучоци дошле во Државниот завод за ревизија (ДЗР) по анализа на податоци од Министерството за внатрешни работи. Од ДЗР информираат дека во 2022 година регистриран е 61 случај на семејно насилство на 100.000 жители, што е пораст во однос на 2018, кога имало 53 случаи.

92% од сторителите се мажи, а приближно 80% од жртвите се жени. 63% од сите сторители се сегашните или поранешните партнери.

„Особено изненадувачки е тоа што втората најголема група на сторители се синовите, со 16%“, се вели во соопштението на ДЗР.

Во 2019 година само 24% од сите пријавени случаи на семејно насилство завршиле на суд. Сторителите биле казнети само во 15% од нив, додека само во 3% била изречена казна затвор.

„До 2022 година процентот на сторители на семејно насилство на коишто им била доделена казна затвор се намалил на само 1%“, пишува во дописот.

Оттаму укажуваат дека јавната доверба во судскиот систем се преполовила за период од две години, односно во 2020 година изнесувала 48%, а во 2022 година само 24% се изјасниле дека веруваат во судскиот систем.

Од ДЗР за подобрување на состојбата упатуваат препорака да се изготват превентивни програми, да се направат отворени, сигурни и унифицирани системи за родово-расчленети податоци во клучните сектори, да се зајакнат механизмите за заштита на жртвите и да се зголеми бројот на условите со цел да им се даде поддршка на жртвите како и да се зајакне родовата еднаквост во судството.