Во понеделник ќе се формира најголемата Бадникова поворка, ќе бидат поделени 3.500 пакетчиња на плоштадот ,,Македонија”


Фото: Б. Грданоски

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски најави дека во понеделник ќе се формира најголемата Бадникова поворка од дечиња и сите оние кои сакаат да земат учество во овој настан. Тој притоа посочи дека ќе бидат поделени 3500 коледарски пакетчиња на плоштадот ,,Македонија” во Скопје.

„Голема е мојата чест, што заедно со Премиерот Христијан Мицкоски сме помагатели на овогодинешните Бадникови поворки. Се потрудивме и плоштадот ,,Македонија” да го краси најимпозантната Божиќна пештера во регионот.

На 6-ти јануари, во 12 часот заедно со дечињата кои ќе го најават Христовото раѓање ќе ја формираме досега најдолгата поворка, на која ве поканувам сите да бидете дел од овој ден за паметење.

Претходно, дечињата од Кисела Вода во 10:20 часот ќе ја посетат општината и ќе бидат дарувани со пакетчиња, а потоа заедно, пеејќи ја ,,Вечниот Бог” ќе се упатиме кон центарот на Скопје на досега највеличествениот Божиќен настан.

Ова се дефинитивно најрадосните денови во годината што посакувам да траат во текот на целата, а она што ме прави исклучително горд е што младите повторно живеат во духот на вистинските вредности и ја продолжуваат традицијата.

Бог нека дарува здравје и љубов на сите. Се гледаме!“, напиша Ѓорѓиевски.