Во Помпеја откопани „речиси совршени“ остатоци од господар и неговиот слуга


Телата се најдени од археолозите за време на ископувањата во вила во предградието на античкиот град (Фото: ЕПА)

И двајцата се жртви од големата ерупција на вулканот Везув во 79 година од нашата ера

 

Речиси совршено сочуваните остатоци од двајца мажи се откриени во едно извонредно откритие во античкиот римски град Помпеја.

Телата на она што се смета дека е богат човек и негов роб, за кои се верува дека починале додека бегале од катастрофалната ерупција на планината Везув во 79 година од нашата ера, биле пронајдени за време на ископувањата во една вила во предградието на градот, рекоа вчера претставници на археолошкиот парк во Помпеја.

Масимо Осана, директор на паркот, рече дека откритието е „навистина исклучително“, додека министерот за култура Дарио Франческини рече дека тоа ја потенцира важноста на Помпеја како место за студии и истражување.

Двајцата, лежејќи близу еден до друг, се верува дека ја избегнале почетната фаза на ерупцијата кога градот бил прекриен со вулканска пепел и лава, за потоа да бидат убиени од експлозија што се случила следниот ден.

Нивните остатоци, за кои веќе има оформено улоги, беа откриени на истата локација каде во 2017 година беа откопани штала со остатоци од три впрегнати коњи.

Експертите велат дека помладиот човек, кој веројатно бил на возраст од 18 до 25 години, имал неколку компресирани пршлени, што ги навело да веруваат дека тој бил физички работник или роб. За него се смета дека носел наборена туника, можеби изработена од волна.

Постариот човек, на возраст помеѓу 30 и 40 години, имал посилна коскена структура, особено околу пределот на градите, а исто така носел туника. Пронајдени се како лежат во ходникот на вилата.

Претставници на паркот изјавија дека понатамошното копање во текот на следните месеци може да открие каде се движеле мажите и да ги одреди улогите што ги играле во елегантната вила.

Тоа е последното во низата фасцинантни откритија што ги дадоа ископувањата во Помпеја во последните неколку години.

Телата на две жени и три деца беа откриени збиени заедно во просторијата на вилата во областа Регио V во октомври 2018 година. Една недела пред истата вила беше откриен натпис на јаглен кој сугерира дека Везув избувнал во октомври АД 79, а не во август од таа година, како што претходно се сметаше.

Остатоците од човек, за кој исто така се веруваше дека го преживеал првиот дел од експлозијата, беа пронајдени во мај 2018 година. Неговото торзо излегувало од голем камен блок, но, наместо да биде обезглавено од него, археолозите веруваат дека тој бил убиен со смртоносни гасови од подоцнежните фази на ерупцијата. Жртвата, за која се верува дека е во средината на 30-тите години, била пронајдена и со мала вреќа од 20 сребрени и две бронзени монети, што е еквивалентно на околу 500 евра од денешните пари.

Најновиот ископ, дел од проект вреден 1 милион евра, продолжува и покрај пандемијата на корона вирусот. Паркот, кој во моментов е затворен за туристи, обично привлекува четири милиони луѓе годишно.

Урнатините на Помпеја биле откриени во 16 век, а првите ископувања започнале во 1748 година. Над 1.500 од околу 2.000 жртви биле откриени низ вековите. (Гардијан)