Во Полска се отворени гласачките места за парламентарните избори


 Во Полска денеска се отворени гласачките места за парламентарните избори, на кои, според анкетите, резултатот ќе биде тесен, а се сметаат за пресудни за иднината на односите на земјата со ЕУ и со соседна Украина.

Се избираат 460 членови на Сејмот со пропорционален изборен систем, а 100 сенатори со мнозински систем.

Полска се плаши од „ќорсокак“ на исходот на изборите, бидејќи, по секоја веројатност, ниту актуелната владејачка партија „Право и правда“, ниту проевропската либерална „Граѓанска коалиција“, ниту со коалиционите партнери, нема да имаат доволно пратеници за формирање влада.

Според прогнозата за изборниот исход врз основа на различни анкети, која редовно ја објавува информативниот портал Onet.pl, „Право и правда“ може да смета на најмногу гласови од вкупно 30 милиони регистрирани гласачи, со 34,99 отсто и „Граѓанската коалиција“ со 31,12 отсто.

Гласањето во земјата со 38 милиони жители, членка на ЕУ и НАТО, завршува во 21 часот по средноевропско време, а набрзо потоа се очекуваат излезни анкети.

Првите прогнози врз основа на анкетите на избирачките места на главната полска телевизија ќе бидат објавени во вечерните часови, а Државната изборна комисија соопшти дека конечните резултати ќе бидат познати во вторник.

Се очекува висок одѕив од над 65 отсто, а овој пат рекордни 600.000 Полјаци од дијаспората се пријавиле за гласање во амбасадите и конзулатите ширум светот.