Во периодот од 6 август до 30 септември, 21 отсто од хоспитализираните лица со Ковид-19 биле целосно вакцинирани


Фото: Б. Грданоски

Вкупно 77 проценти, односно 27.298 граѓани од позитивните на Ковид-19 изминативе два месеци не биле вакцинирани. Заклучно со 30 септември, вкупно се вакцинирани 788.058 граѓани, ревакцинирани се 729.794. Во текот на вчерашниот ден регистрирани се 412 нови позитивни случаи на Ковид -19, а вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 191.820.

Како што наведе Министерството за здравство во двомесечната анализа која ја објави вчера, позитивни од тестирани во периодот од 6 август заклучно со 30 септември 2021 во државава се 35.531 граѓанин. Од нив, 23 отсто, односно 8.233 лица биле целосно вакцинирани. Невакцинирани се 79 отсто кои во наведениот период биле хоспитализирани, додека, 21 процент од сите хоспитализирани пациенти во моментов се целосно вакцинирани.

– Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од 6 август до 30 септември 2021 на територија на државата починале 1.162 лица со Ковид-19, 987 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а 15 отсто примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас, како и пациенти кои се вакцинирале во странство со вакцини на „Модерна“ и „Џонсон“, информира Министерството за здравство.

Заклучно со 30 септември, вкупно се вакцинирани 788.058 граѓани, ревакцинирани се 729.794, а трета доза примиле 235 граѓани.

Од МЗ наведуваат дека 53 отсто од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирании, а 32 проценти од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

– Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација, е 47,2 проценти , а со две дози опфатени се 43,6 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 проценти од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 проценти од популацијата во државата примила две дози вакцина, велат од МЗ.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, вчера информираше дека бројките на новозаразени со коронавирус во училиштата се движат од  0,01 до 0,03 дневно, а активни случаи се 0,26 проценти од вкупно 240 илјади ученици во основното и средното образование кои наставата секојдневно ја посетуваат со физичко присуство.

– Министерството за здравство излезе со став дека во моментов не препорачуваат промена на моделот на настава, но дека подготвуваат скрининг на ученици, изјави Царовска додавајќи дека се во комуникација со Комисијата за заразни болести и со Министерството за здравство, а кога процесот ќе почне јавноста ќе биде информирана.

Според дневната ковид статистика што ја објави вчера МЗ за претходното деноноќие, регистрирани се 412 нови позитивни случаи на Ковид -19, починале 12 пациенти, а оздравени се 395 пациенти. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 191.820, на оздравени пациенти е 173.048, а на починати е 6.683.