Во Палермо уапсени 20 мафијаши

Италијанската полиција постигна голем успех откако во Палермо уапси повеќе од 20 припадници на мафијашката организација „Коза ностра“, почнувајќи од шефови до ситни крадци и вршители на илегални работи, пишува дневниот весник „Хафингтон Пост“.

Уапсените се обвинети за изнудување, убиства, криминално здружување, продавање дрога, кражби и слично.

Акцијата е спроведена откако сопственици на одреден број продавници во Палермо се пожалиле и ги пријавиле мафијашите во полиција, бидејќи не можеле повеќе да издржат да ја плаќаат принудната „заштита“ на мафијашката фамилија на Анџело Монти.

Шефот Монти бил в затвор последните три години, исто така поради мафијашко делување, но по излегувањето ја преземал старата улога на „бос“ и продолжил со криминалната работа.

Мафијата во квартот Борго Векио не ја контролирала само комерцијалната дејност, туку и организација и принудно собирање пари за религиозни манифестации и музички концерти.