Во Осломеј ќе се гради фотоволтаична централа со моќност од 100 мегавати


На просторот на некогашниот рудник за јаглен ТЕЦ „Осломеј“, ќе се гради соларна централа која ќе испорачува електрична енергија за 20.000 семејства. Инвестицијата, која е конципирана како две електрани од по 50 мегавати, ќе биде по принципот на јавно-приватно партнерство во која АД ЕСМ ќе биде јавниот партнер. Градбата на електраните ќе биде целосно инвестиција на приватниот партнер, а проценката е дека нивната изградба ќе чини до 80 милиони евра.

Ова денес на прес конференција го најавија премиерот Оливер Спасовски, заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши и генералниот директор на Електрани на Северна Македонија, Васко Ковачевски.

„Распишувањето на повикот за јавно приватно партнерство за изградба на соларна електрична централа, со моќност од 100 мегавати, е досега најзначајниот капацитет и наш придонес кон транзицијата кон еколошки чисти и без карбонски енергетски капацитети. Работите се во тек и во текот на втората половина на оваа година, оваа централа ќе започне со производство на струја“, нагласи премиерот Спасовски.

Спасовски рече дека целта е нашата држава да биде една од европските земји кои од доминантно застапените фосилни енергенси, се пренасочија кон енергетски капацитети кои ќе го користат сонцето, ветерот и водата.

„На местата кои некогаш беа извори на загадување, денеска никнуваат капацитети за производство на чиста, зелена енергија“,  подвлече Спасовски.

Министерот за Економија Крешник Бектеши истакна дека со Законот за енергетика Владата воведува нов концепт за поддршка на политиките за инвестирање во обновливи извори на енергија преку премии, а воедно и преку јавно приватно партнерство.

„До пред две и пол години имавме производство на соларна електрична енергија од само 20 мегавати, а сега, ќе имаме инсталирана снага од речиси 200 мегавати“, рече Бектеши, повикувајќи ги сите домашни и странски инвеститори да учествуваат на повикот за изградба на оваа фотонапонска централа.

Директорот на Електрани на Северна Македонија, Васко Ковачевски појасни дека јавниот повик ќе трае до 8 мај. Новата инвестиција е конципирана како две електрани од по 50 мегавати.

„Договорот за јавно приватно партнерство би бил во траење од 35 години, по што приватниот партнер е обврзан да го пренесе правото на сопственост на  фотонапонските електрани и да му ги предаде во фактичко владение на јавниот партнер – АД ЕСМ, во исправна оперативна и погонска состојба“, истакна Ковачевски. Тој додаде дека на инвеститорот му ја отстапуваат локацијата, и други системски услуги и информации. За возврат, приватниот инвеститор ќе му исплаќа на ЕСМ годишно сума во висина од 10 отсто од продадената електрична енергија по продажна цена според регионалната берза Хупекс. Приватниот инвеститор ќе треба да преземе и 100 вработени од РЕК „Осломеј“.