Во Оперативниот план за вработување се воведува квота за опфатеност на Роми


Со цел зголемување на можноста на Ромите за интеграција на пазарот на трудот во Оперативниот план за прв пат оваа година ќе се настојува да се постигне зголемување на опфатот на Роми во активните мерки за вработување и услуги со воведување на квота од 5 отсто за опфатеност на Роми.

Ова денеска го соопшти директорот на Агенцијата за вработување, Беким Мурати, кој заедно со  претставници на Владата, Собранието и Ромски невладини организации учествуваше на тематска дискусија во Владата организирана по повод Светскиот ден на Ромите.

Мурати како позитивен пример го посочи учеството на Ромите во минатогодишниот Оперативен план.

„Ромите покажаа интерес за учество во Оперативниот план за минатата  година, па така 37 граѓани од ромска националност преку програмата Самовработување – Претриемништво добија финансиска поддршка од 5 илјади евра и основаа сопствен бизнис. Ромите исто така беа застапени во мерките каде тие се целна категорија и кои водат до директно вработување како Субвенционирање на плати и Вработување и раст на правни субјекти преку кои се вработија 123 припадници на оваа заедница“, нагласи Мурати.

Во 2021 година 9.706 Роми беа вклучени во услугите за Помош при барање на работа, Мотивациски обуки, Подготовка за вработување и работа, Професионална ориентација и кареиерно советување, Посредување при вработување, Советување и мотивација за корисници на гарантирана минимална помош и услугата Активација на невработени Роми и други лица во ризик од социјално исклучување.

„Услугата Активација на невработени Роми и други лица во ризик од социјално исклучување е од исклучително значење за Ромската задница бидејќи преку неа невработените лица имаат пристап до тимот на ментори, кои се ангажирани во локалните заедници. Нивната улога е да ги мотивираат и редовно да ги информираат за можностите за вработувања или за подобрување на професионалните капацитети“, рече Мурати.