Во октомври издадени 373 одобренија за градење, помалку за 26,7 отсто од лани


Според податоците на Државниот завод за статистика во октомври 2022 година се издадени 373 одобренија за градење, што е за 26.7 отсто помалку во однос на истиот месец од претходната година, информираат од ДЗС.

Предвидената вредност на објектите изнесува 14 404 949 илјади денари, што е за 48.2 отсто повеќе во однос на истиот месец од претходната година.

-Зголемената вредност е резултат на издаденото одобрение за градење на пругата Бељаковце – Крива Паланка, кое е со вредност 9 534 439 илјади денари, појаснуваат од ДЗС.

Според податоците на ДЗС, од вкупниот број издадени одобренија за градење, 185 (49.6 проценти) се наменети за објекти од високоградба, 127 (34.0 проценти) за објекти од нискоградба и 61 (16.4 отсто) за објекти за реконструкција.

Од вкупно 373 објекти, на 195 (52.3 отсто) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 178 (47.7 проценти) објекти инвеститори се деловни субјекти.

-Во извештајниот период е предвидена изградба на 699 станови, со вкупна корисна површина од 58 180 квадратни метри, соопштуваат од ДЗС.