Во октомври годишен раст на депозитите од осум отсто, а 5,3 отсто на кредитите


Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 8,0%, како резултат на повисоките депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот домаќинства. Годишниот пораст на кредитите, пак, е 5,3% и произлегува од зголемувањето на кредитите на двата сектора, со поголем придонес на секторот домаќинства, соопшти Нардоната банка.

Паричната маса во октомври забележа месечен пад од 0,7%, во поголем дел како резултат на намалените депозитни пари и краткорочните депозити, при помал придонес кон падот и на готовите пари во оптек, a во услови на раст на долгорочните депозити до две години. На годишна основа, паричната маса е зголемена за 5,2%, главно поради растот на депозитните пари и краткорочните депозити, при позитивно влијание и на останатите компоненти.

Во октомври, вкупните депозити се намалени за 0,3% на месечна основа, во целост како резултат на падот на депозитите на корпоративниот сектор, додека депозитите на домаќинствата остварија раст. Споредено на годишно ниво, вкупните
депозити бележат раст од 8,0%, којшто се должи на повисоките депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот „домаќинства“.

Кај вкупните кредити во октомври е забележан месечен и годишен раст од 0,3% и 5,3%, соодветно, кој произлегува од зголемувањето на кредитите на двата сектора, со поголем придонес на секторот „домаќинства“.

Во октомври, вкупните депозити на корпоративниот сектор остварија месечен пад од 1,8%. Надолната промена пред сè е резултат на пониските депозитни пари, при пад на краткорочните депозити во странска валута и на вкупните долгорочни
депозити, во услови на раст на краткорочните депозити во денари. На годишна основа е забележан раст од 14,1%, во поголем дел поради повисоките краткорочни депозити во странска валута, при остварен дополнителен раст и кај депозитните пари и долгорочните и краткорочните депозити во денари.

Кредитите на корпоративниот сектор, овој месец, бележат минимален месечен раст од 0,1%, при годишен раст од 4,1%. Притоа, месечната и годишната промена во целост се должат на зголеменото кредитирање во денари, при остварен пад на кредитите во странска валута.

Во октомври, вкупните депозити на домаќинствата се зголемени за 0,3% на месечно ниво, во целост како резултат на растот на долгорочните депозити во странска валута и во денари, во услови на забележан пад кај останатите компоненти.
Годишниот раст изнесува 6,8% и се должи на повисоките долгорочни депозити и депозитните пари, а во помала мера и на краткорочните депозити во денари, додека краткорочните депозити во странска валута бележат пад.

Кај кредитите на домаќинствата, овој месец, е забележан месечен раст од 0,5%, како резултат на повисокото кредитирање во денари и во странска валута, поизразено кај кредитите одобрени во денари. На годишна основа, кредитите се повисоки за 6,3%, во поголем дел поради растот на кредитите во странска валута, при забележан раст и на кредитирањето во денари.

Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во октомври, кај најзастапените категории ‒ потрошувачките и станбените кредити, е забележан месечен раст од 0,3% и 0,8%, соодветно, при годишен раст од 5,9% и 10,4%, соодветно. Автомобилските кредити, овој месец, се зголемени за 0,8% и 13,2% на месечна и на годишна основа, соодветно, додека кредитите одобрени на кредитни картички бележат месечен и годишен пад од 0,4% и 3,4%, соодветно. Во октомври, кај негативните салда на тековните сметки е евидентирано месечно и годишно зголемување од 0,4% и 8,5%, соодветно, додека кредитите одобрени врз други основи се намалени за 1,2% и 17,4%, на месечно и на годишно ниво, соодветно, се наведува во соопштението од Народната банка.