Во Охрид се уриваат шанкови на плажата „Немо“


Откако Владата со Уредба го забрза процесот на уривање на дивоградбите во Охрид и на брегот крај езерото општината веќе три дена отстранува урбана опрема, шанкови и други објекти. Денеска се уриваа објекти на плажата позната како „Немо“ на потегот од Горица “ до Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања во населбата Свети Стефан.

Општина Охрид за целата акција само кусо информираше дека се преземаат активности: „Се работи за урбана опрема и градби кои се надвор од опфатот на Генералниот урбанистички план. По завршувањето на активностите за отстранување на овој потег од крајбрежјето, ќе се пристапи кон отстранување и на останатите објекти, потпорни ѕидови, шанкови, метални конструкции и настрешници, кои исто така се надвор од опфатот на Генералниот урбанистички план и навлегуваат во КП 1/1 Охридско Езеро“, истакнаа од Општина Охрид.