Во Охрид работилница за обука на научниците од регионот за проектот Европски облак за отворена наука
Стотина учесници од земјите на Западен Балкан и од Украина се дел од тридневната меѓународна научна конференција во Охрид, во чии рамки е спроведува работилница за обука во врска со Европскиот облак за отворена наука (EOSC).
Европскиот облак за отворена наука е камен-темелник на дигиталната стратегија на Европската комисија за истражување, проект насочен кон зголемување на иновациите и исто така за поврзување на постоечките капацитети. Се гради и проширува етапно, а неговата сегашна итерација ја гради „EOSC Future“, проект од преку 40 милиони евра кој ја поддржува платформата што ја поврзува е-инфраструктурата која го сочинува EOSC.
Како што беше истакнато на отворањето на работилницата, се работи за обука што ќе ги информира учесниците за најсовремените трендови во развојот на EOSC, истовремено запознавајќи ги со потребните алатки за лесен пристап до постоечките збирки на податоци од нивните колеги.
Министерот за наука и образование Јетон Шаќири појасни дека оваа инцијатива има за цел поврзување на научниците од стариот континент и олеснување на пристапот до отворени бази односно збирки на податоци, заради ефектуирање на нивниот труд и постигнување на научно-истражувачките цели.
– Дадовме поддршка на развојот и примената на т.н. Европски облак на отворени науки што обезбедува простап до различни бази на податоци, креирани од институциите или од самите научници, што можат да послужат во реализација и развој на научно-истражувачката дејност. Преку Европскиот облак за отворена наука (EOSC), набавена е опрема од четири милиони евра за повеќе високообразовни и научни установи, преку кои нашите научници имаат можност сите свои научни трудови, анализи и збирки на податоци да ги споделуваат со колеги од Европа, како и да имаат пристап до нивните архиви кои се достапни на европските платформи, рече Шаќири.
Тој изрази уверување дека оваа заложба ќе биде препознаена од нашите научници како поддршка од државата во нивната работа, а платформата добро ќе ја искористат во креирање нови позитивни резултати, нови достигнувања и иновации кои пак ќе бидат придонес за напредок во општеството.
Деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ), Боро Јакимовски, рече дека на работилницата ќе се разменуваат иксуства за начините за соработка што ги овозможува Европскиот облак за отворена наука, и истите да се стават на располагање на научниците од земјата и регионот.
– Факултетот ФИНКИ работи на обезбедување ресурси, инфраструктура и знаења, за тоа како нивното истражување да биде поотворено, а да се држи чекор со искуствата и практиките во Европа. Во Европскиот облак за отворена наука лежи иднината и таму треба да се насочат сите наши напори, за да се овозможи знаење и да се отворат можности за што полесно искористување на истото, рече тој.
Јакимовски смета дека околу еден процент од буџетот на државата треба да оди за финансирање на науката, дел за научно-истражувачки проекти, дел за опрема…
– Европа гради голема инфракструтура, со големи системи, големи вложувања. Идејата и на овој проект и на оваа конференција е тоа да биде отворено, она што е обезбедено со јавни средства, да биде достапно до сите, под еднакви услови и на едноставен начин…Сметам дека треба да има подобрување делот на финансирањето на научно-истражувачките проекти, независно каков ќе биде моделот на поддршката, рече тој.
Шанмугосундарам Венкатамаран, тренинг-лидер од Европскиот облак за отворена наука, рече дека се работи на паневропски проект што има за цел создавање инфраструктура што ќе им овозможи на научниците практично да спроведуваат фундаментални научни истражувања.
– Тоа е своеведен начин на демкократизација на науката, на начин што ќе им овозможи на сите научници од континентот пристап до услуги, софтвер и податоци во нивните идни истражувања. Научниците од Западен Балкан, вклучително од Северна Македонија, покрај тоа ќе можат тука да ги презентираат своите научни трудови, резултатите од нивните истражувања, да ги споределуваат своите знаења и на тој начин преку отворен научен пристап, да ги користат тие контакти и знаења за свои потреби, рече Венкатамаран.