Во Охрид почнува фестивалот „Грин бич“


Вечерва, во 21 часот, најпознатиот фестивал на електронската музика во земјата, „Грин бич“, ги отвора фестивалските капии за своето јубилејно 10-то издание, кое сѐ до раните утрински часови в сабота, ќе се одржува на фестивалската локација кај хотелот „Еуротел“ во Струга.

По девет незаборавни изданија покрај Охридското Езеро, „Грин бич“ како синоним за најквалитетно електронско доживување кај нас ја продолжува и традицијата на претставување на врвните уметници од светската сцена во зенитот на нивната кариера и премиерно во земјата, а оваа карактеристика на фестивалот е посебен акцентирана на годинешното славеничко издание. За прославата на овој значаен јубилеј, илјадниците посетители на овој настан ги очекува и најгламурозното издание досега со врвна продукција и ексклузивно подготвени сценски визуализации.

Спектакуларното отворање на фестивалот вечерва ќе го предводи апсолутниот лидер на современата светска електронска сцена, Пол Калкбренер, чиј настап ќе почне во хедлајнерскиот термин на вечерта, од 1.45 часот. Врвниот уметник, кој важи за институција на светската техносцена, гостува премиерно во Македонија, и тоа во рамките на неговата актуелна светска турнеја Parts Of Life, која веќе брои повеќе од 60 настапи во светот и речиси сите од нив целосно се распродадени. Како еден од најголемите светски електронски продуценти, Пол Калкбренер познат е по хедлајнерските настапи на најголемите фестивали и стадионски спектакли пред стотици илјади луѓе, кои пред него беа резервирани само за најголемите светски бендови, како што се „Ролинг стоунс“ и „У2“. Уште поголема ексклузивност на овој настан е и фактот дека станува збор за диџеј-продуцент кој настапува исклучиво во живо правејќи ги неговите сетови секогаш непредвидливи и високо ценето доживување на современата електронска сцена.

Важна информација за сите посетители на „Грин бич“ е дека при доаѓање на фестивалот билетите треба да ги заменат за соодветна фестивалска белезица, со која им е овозможен влезот на настанот. Замената на билетите за белезици ќе се спроведува на официјалното заменско место лоцирано пред влезот на фестивалот, а кое ќе работи од 21 до 4 часот. Поради огромниот интерес и големиот број посетители што пристигнуваат во Струга за овој настан, ги советуваме посетителите да дојдат што порано на настанот со цел да го избегнат метежот на заменското место и чекањето во редици за влез на фестивалот.

За безгрижна забава „Грин бич“ и оваа година апелира до своите посетители да не возат под дејство на алкохол и да ги остават своите возила дома, а за доаѓање на настанот да го искористат и организираниот превоз, кој на секои 30 минути во периодот од 22 до 5 часот ќе сообраќа на релација Охрид – Струга – Охрид, со цена од 70 денари за билет во еден правец. Автобусите од организираниот превоз од Охрид поаѓаат и се враќаат на постојката кај „Тим маркет“ (спроти градскиот пазар).

Оние што допрва планираат да купуваат билети за „Грин бич“, претпродажбата се одвива преку мрежата на „МК тикетс“, а билетарницата на фестивалот ќе работи од 21 часот.