Министерката за финансии порачува: Царините за стоки од САД може да ги спуштиме на нула

Додека се чекаат „добрите вести“ од САД, Димитриеска-Кочоска најави измени во Законот за царинска тарифа. „Тоа е она што може да го понудиме на САД“


Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска (Фото: Б. Грданоски)

 

До Владата сѐ уште не стигнале „добрите вести“ за американските царини, кои во неделата ги најави премиерот Христијан Мицкоски, но и без нив Македонија порача дека е подготвена да ги сведе царинските стапки на нула отсто за увозот на производи од САД.

Ова денес на прес-конференција во Владата го потврди министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која рече дека царините е можно да се спуштат на нула (отсто), како и дека тоа нема да биде оптоварување за Буџетот, бидејќи размената со САД е еден отсто од вкупната трговска размена со светот. Таа, сепак, остави простор, ова да се направи по евентуално склучување на договор за слободна трговија, за што се водат разговори од страна на македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија.

„Треба да видиме да седнат, кога ќе имаат конечен став, ќе кажат“, рече министерката Димитриеска-Кочоска, одговарајќи на прашања на новинарите на прес-конференција посветена на акцииет на Царинската управа за заплена на нелегален увоз.

„Во однос на тоа дали ќе одиме до нула (отсто), може да одиме до нула, затоа што ефектот воопшто не е голем. Размената со САД е под еден процент во однос на вкупната надворешно-трговска размена“, рече таа, додавајќи дека целиот извоз кон САД лани бил околу 6,8 милијарди денари, или нешто повеќе од 100 милиони евра.

„Значи, многу малку во споредба со тоа што го разменуваме со останатиот дел од светот. Каква било  промена во овој дел кај царинските стапки апсолутно нема да има никакво влијание на буџетот“, рече Димитриеска-Кочоска, повторувајќи: „Значи можно е и до нула да се спуштат, секако“.

Новинарите се интересираа за очекуваните позитивни вести за македонската економија и ја прашаа министерката за што всушност преговара Владата и која е нашата понуда до САД за да издејствуваме да паднат американските царини.

„Тоа е во надлежност на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Министерот Тимчо Муцунски е во постојана комуникација со САД и очекуваме во најскоро време да има разрешница. Знаете дека директните ефекти помеѓу САД и Македонија не се големи кога станува збор и за извозот и за увозот, така што ние сега подготвуваме и нормално тоа зависи што ќе го договори како конечно министерот за надворешни работи. Ќе направиме измени во Законот за царинските стапки каде што може да одиме на намалување на истите. Тоа е она што може да го понудиме во овој момент на САД“, рече министерката.

На прашањето кои стапки ќе бидат намалени и за колку, со оглед дека првично ставот на Владата беше дека одлуката на САД била очекувана, за вчера премиерот да каже дека очекува корекција затоа што станува збор за „грешка“, министерката Димитриеска Кочоска рече: „Секако дека станува збор за грешка и тоа не се царинските стапки кои што ние ги имаме. Тука е директорот, може да ви каже дека и по поединечни тарифи кога ќе ги погледнете, во Република Македонија не постои царинска тарифа од 65 проценти. Тоа се јавно достапни податоци може и сами да ги погледнете и да видите дека немаме толку високи царински стапки“, рече таа.

Како што посочи, работата е отежната бидејќи ние немаме со САД потпишано договор за слободна трговија, но се настојува таков договор да се постигне .

„Верувам дека на крајот МНР ќе успее во тој дел, да го потпише договорот, бидејќи со потпишување на договорот ќе имаме промена на самите царински тарфифи. Доколку не успееме, понатаму ќе видиме што ќе правиме со измените на Законот и од наша страна првично намалување на царинските тарифи, кои што повторно потенцирам не се 65 проценти“, рече таа.

На заблешката дека покрај царинските стапки, на одредени производи при увоз од  САД се пресметуваат додатоци, односно прелевмани, министерката за финансии посочи дека секоја држава настојува да го заштити домашното производство и дека тоа се однесува пред сѐ во делот на земјоделските производи.

„Во делот на другите царини немаме толку високи стапки. Тука нема да имаме подвојување во што ќе направиме, во што не, но можам повторно да кажам дека станува збор за под еден процент трговска размена“, рече таа додавајќи дека со оглед што размена а со САД е под еден отсто во однос на вкупната размена, не очекува директни ефекти поради наметнатите царини.

Таа исто така смета дека на краток рок не се очекуваат и други негативни ефекти, велејќи дека тоа е невозможно тоа да се случи во толку краток временски период.

„Зборувам сега како економист, не како министер: иако САД ги зголемија царините, особено и за европските земји, не постои супститут во САД којшто ќе го зголеми преку ноќ производството за да може да се каже ова е поскапо, нема да го купам, а ќе купуваме од домашните приоизводители. Или, би прашала, колку на пример е веројатно дека ние ќе носиме ‘Најк’ патики коишто ќе бидат произведени во САД, бидејќи и тие доаѓаат од други земји каде што работната сила е поевтина“, рече Димитриеска-Кочоска.

Таа вели дека треба да оставиме времето да покаже какви ќе бидат однесувањата. Исто така, како што посочи, очекува помеѓу Европа и САД да има билатерални договори и затоа не смета дека „на прв поглед изгледа дека станува збор за нешто страшно“.

„Особено во делот на преселба на капиталот јас би рекла дека е многу тешко да преместите машини од едно место на друго, да отворите производни капацитети… Ќе треба време, и затоа би оставила простор да видиме, но дека ќе има преку ноќ негативни ефекти, нема да се случи такво нешто“, уверува Димитриеска-Кочоска.

На прашањето, што доколку се намалат нарачките од странство за домашните компании, особено од Европа и дали очекува зголемување на цените и подгревање на инфлацијата, таа рече дека такво нешто е невозможно да се случи преку ноќ и апелираше да не се крева паника.

„Тоа не значи дека ако постои проблем во Европа, дека веднаш ќе ги отпуштат вработените. Тоа нема да го направат затоа што префрлањеето на капиталот е многу тешка задача и треба време. Тоа е речиси невозможно на краток рок“, рече таа.

Во меѓувреме, очекува дека европските држави ќе се договорат со САД така што и на кус рок да има помало производство и помал извоз од тие земји, ќе има одреден ефект, но тоа нема да значи дека ќе има отпуштања од работа.

Димитриеска-Кочоска потврди дека кај нас има проблем во една компанија која што најави заминување, но дека во моментов тој проблем се решава. Станува збор за компанија кој што директно зависи од извозот во САД.

„И тие нема да ги отпуштат работниците преку ноќ, чекаат да видат што ќе се случи. Но имајќи предвид дека станува збор за земја која што има недостиг на работна сила, сметам дека во овој момент не постои некој поголем ризик од тоа дека ќе имаме ние отпуштања на работници и дека тие нема да најдат работа, иако сметам дека нема да се случи отпуштање од работа“, уверува Димитриеска-Кочоска.