Во Нови Сад трилатерална средба на Заев, Вучиќ и Рама


Србија – Премиерот Зоран Заев, српскиот претседател Александар Вучиќ и шефот на албанската Влада, Еди Рама претпладнево ќе одржат трилатерална средба во Петроварадинската тврдина во Нови Сад.

Според најавите од кабинетот на српскиот претседател, тема на состанокот е поврзување на пазарите на земјите од регионот и отстранување на различните бариери за водење бизнис и слободниот проток на стоки, луѓе и услуги.

Заев синоќа пристигна во Нови Сад, каде беше пречекан од новосадскиот градоначалник Милош Вучевиќ, по што присуствуваше на вечера што во негова и во чест на Рама ја приредија Вучиќ и српската премиерка Ана Брнабиќ.

– Добредојдена е секоја иницијатива што оди во насока на зајакнување на регионалната соработка, како критериум и во ЕУ агендата и што ја забрзува евроинтеграцијата на Западен Балкан, објави Заев на својот профил на Фејсбук, додавајќи дека за оваа тема денеска ќе разговара со Вучиќ и Рама.

Според Заев, постои неискористен потенцијал за зголемување на регионалната соработка, интензивирање на трговијата, протокот на стоки, мобилноста на луѓе, услуги и капитал, меѓу сите земји од Западен Балкан.

Според неофицијални извори на синоќешната вечера било разговарано и за Декларацијата која треба да биде усвоена на денешната трилатерална средба.