Во Норвешка се преврте копија на викиншки брод. Се удави археолог


Норвешката полиција соопшти дека телото на Американка која се удавила по превртувањето на копија на викиншки брод за време на експедиција на Фарските Острови е извлечено од морето. Одделот за надворешни работи на Соединетите Американски Држави потврди дека американски државјанин загинал во близина на брегот на Норвешка, пишува CNN.

„Археологот Карла Дана беше прогласен за исчезнат откако норвешкиот координативен центар за спасување ги спаси другите пет членови на екипажот со кои патуваше во вторникот вечерта“, изјави портпаролот на норвешката полиција за Си-ен-ен.

Шест лица учествуваа во проектот „Легендарното патување на Викинзите“, при што требаше да отпловат од Фарските Острови до Трондхајм во Норвешка со бродот Надодур, копија на викиншки брод.

Во два наврати испратиле повик за помош
Во вторникот околу 17:45 часот по локално време од бродот бил испратен сигнал за помош. Спасувачката екипа пристигнала на местото на настанот 50-тина минути подоцна, но од бродот дале сигнал дека сѐ е во ред и спасувачите се вратиле.

Околу 20 часот од бродот е испратен нов повик за помош. Локалните цивилни чамци кои пристигнале на местото на настанот пријавиле дека бродот се превртел и дека во чамецот за спасување имало пет лица. Бидејќи меѓу преживеаните ја немало Дана, спасувачките служби организирале потрага. Во средата наутро го пронашле нејзиното тело.