Во ноември годишен раст од 7,2 отсто на вкупните депозити и од 5,2 отсто на вкупната кредитна поддршка


Според анализите на Народната банка вкупните депозити се зголемени за 7,2 отсто на годишно ниво како резултат на растот на депозитите на двата сектора, со поизразен придонес на секторот домаќинства. Истовремено, посочуваат од НБ, на годишна основа, вкупните кредити бележат раст од 5,2 отсто, којшто се должи на зголеменото кредитирање на двата сектора, со поголем придонес на секторот домаќинства.

Како што се вели во соопштението до медиумите во ноември 2023 година, паричната маса (монетарниот агрегат М3 1,2) е зголемена за 0,7% на месечна основа, во најголем дел поради растот на депозитните пари, при дополнителен раст и на краткорочните депозити и на долгорочните депозити до две години, додека готовите пари во оптек забележаа пад. Споредено на годишна основа, паричната маса е повисока за 4,1%, пред сè поради растот на депозитните пари, при позитивен придонес и на останатите компоненти.

„Вкупните депозити 3 во ноември, забележаа месечен раст од 0,9%, којшто се должи на зголемените депозити на двата сектори, со поизразен придонес на корпоративниот сектор. Годишниот раст изнесува 7,2% и е резултат на растот на депозитите на двата сектора, со поизразен придонес на секторот „домаќинства““, се вели во соопштението.

Во ноември, вкупните кредити се зголемени за 0,3%, во целост како резултат на повисоките кредити на секторот „домаќинства“. На годишна основа, вкупните кредити бележат раст од 5,2%, којшто се должи на зголеменото кредитирање на двата сектора, со поголем придонес на секторот „домаќинства“.

Вкупните депозити на корпоративниот сектор, овој месец, остварија раст од 2,1% на месечно ниво. Промената пред сè се должи на повисоките депозитни пари, при позитивен придонес кон растот и на краткорочните депозити во денари и во странска валута, додека долгорочните депозити во денари и во странска валута бележат пад. На годишна основа, растот изнесува 9,8% и во поголем дел е резултат на зголемените краткорочни депозити во странска валута, при дополнителен раст и на останатите компоненти, додека долгорочните депозити во странска валута се намалени.

Во ноември, кредитите на корпоративниот сектор забележаа минимален месечен пад од 0,1%, којшто произлегува од намаленото кредитирање во странска валута, во услови на раст на кредитите во денари. На годишна основа е остварен раст од 3,8%, во целост како резултат на зголемените кредити во денари.

Истиот месец вкупните депозити на домаќинствата бележат месечен раст од 0,4%, којшто се должи на повисоките депозитни пари и долгорочните депозити во денари и во странска валута, во услови на пад на краткорочните депозити во странска валута и во денари. Растот на годишна основа изнесува 7,1% и произлегува од зголемените долгорочни депозити во странска валута и во денари, како и од зголемените депозитни пари, при пад на краткорочните депозити.

Кредитите на домаќинствата, во ноември, се зголемени за 0,7% на месечна основа, како резултат на зголеменото кредитирање во денари и во странска валута, малку поизразено во денари. На годишна основа, овие кредити забележаа раст од 6,5%, во поголем дел поради зголеменото кредитирање во странска валута, при раст и на кредитите во денари.

Во ноември, гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, бележат месечно зголемување од 0,7% и 1,0%, соодветно, при годишен раст од 6,1% и 10,3%, соодветно. Овој месец, кај автомобилските кредити е остварен раст од 1,7% и 8,3% на месечно и на годишно ниво, соодветно, при забележан месечен и годишен пад на кредитите одобрени на кредитни картички за 0,3% и 3,8%, соодветно.

Негативните салда на тековните сметки, во ноември, се пониски за 0,7% на месечна основа, додека на годишна основа бележат раст за 4,8%. Кредитите одобрени врз други основи, овој месец, се намалени за 2,3% и 17,8%, на месечна и на годишна основа, соодветно.