Во Њујорк заразени од коронавирус се речиси осум и пол илјади лица

САД– Во американската сојузна држава Њујорк се забележани околу осум и пол илјади случаи на заразени од новиот коронавирус, што е речиси половина од сите забележани случаи во САД, соопшти гувернерот на државата Ендру Куомо.

-Колку повеќе се прават тестови, толку повеќе се добиваат позитивни резултат. Во просек, ние правиме многу повеќе тестови отколку Кина или Јужна Кореја, изјави тој.

Тој додаде дека за 24 часа бројот на заразени во сојузната држава се зголемил за три пати. Заклучно денеска, бројот на заболени е 8.403 луѓе, од кои повеќе од половина се од градот Њујорк, според податоци на „Џон Хопкинс“, водечки центар за медицински истражувања.

Претходно, беше јавено за првиот случај на Ковид-19 во седиштето на ОН. Се работи за случај на вработена од дипломатската мисија на Филипини.

Куомо синоќа ги повика компаниите во државата да организираат работа од дома за 75 отсто од своите вработени. Тој изјави дека засега не планира да воведе општ карантин во градот Њујорк.

Според „Џон Хопкинс“ вкупно забележани случаи во САД се нешто помалку од 20 илјади, а досега починале 260 лица.