Во Нижеполе како во кошница, поголемиот дел од скијачите не носат маски


Лекарите во битолскиот Центар за јавно здравје не очекуваат зголемување на бројките и нови кластери од скијалиштата бидејќи се работело за спорт и активност на отворено

Полиција го регулира  сообраќајот на патот кој води до ски-центарот Нижеполе поради невидена гужва за скијање. Колони со возила се заглавени на тесниот пат кој води од Битола кон селото Нижеполе каде што се наоѓа и ски-центарот, сведочат битолчани.

„Се упативме околу 11 часот кон Нижеполе, ама за жал не успеавме да стигнеме до скијачката патека. Веднаш после селото Нижеполе имаше колони од преку 100 автомобили. Патот е тесен, а возачите се паркирале покрај патот и се упатиле  пеш до ски-центарот на далечина од околу 1 километар. Така, паркираните автомобили направија хаос, тие што сакаа да продолжат нагоре ги заобиколуваа паркираните и влегуваа во лентата на оние кои слегуваа надолу. На крај дојде полиција да го регулира сообраќајот. Моравме да се вратиме назад, бидејќи на клучката каде се дели патот за Нижеполе беше ставена забрана за влез“, сведочи Иван Блажевски од Битола.

Поради сончевото време не само битолчани туку кон Нижеполе се упатија и граѓани од околните градови, Ресен и Прилеп.

Од фотографиите на дното на патеката се гледа дека многу малку луѓе носат маски. Тоа може да претставува потенцијален кластер кој потоа ќе се рашири кон повеќе градови. 

Вчера и денеска скијањето на Нижеполе е бесплатно, а синоќа обожавателите на белите спортови уживаа во ноќно скијање. (А.Б.)

Долги редици за ски-лифтовите