Во недела се очекува по ДХЛ да стасаат првите 3000 набавени вакцини


Фото: Б. Грданоски

Според информациите што ги има премиерот Зоран Заев во недела во земјава треба по ДХЛ треба да стигнат првите 3000 набавени вакцини.

-Секој ден очекуваме конкретна информација кога ќе стигнат вакцините. Сега имам конкретна информација кога ќе стасаат ама како да кажам, ако не стигнат? Во недела ги очекуваме првите три илјади што ќе дојдат преку ДХЛ, а министерот се организира со амбасадорот да ги пречека и отоа тие да бидат пуштени, изјави Заев одговарајќи на новинарско прашање по посета на реконструирана градинка во Карпош.

Тој потсети дека во текот на вчерашниот ден и Министерство за здравство објави оти се потврдени 21 илјада вакцини од Фајзер. Договорот конеќно е потврден, рече, после сите прашања кои ги поставија нивните служби. Министерот Филипче, нагласи Заев, ја кажа и динамиката колку ќе пристигнат во прв, што е за втор квартал, што е за трет и четвртиот квартал.

-Стаса и информацијата и од КОВАКС до крај на првиот квартал, односно до крајот на овој месец ќе стасаат првите количини, а тие се меѓу 20 и 30 илјади. Така што во март ќе почне масовната вакцинација по протоколите – покрај здравствените работници, ќе бидат вакцинирани и хронично болните и возрасните граѓани, рече премиерот.

Тој истакна дека земјава се уште очекува вакцини од Кина каде беше платен аванс, кој потоа беше повлечен. На потврдување и осигурување на количините вакцини, рече Заев, покрај министерот за здравство работат и министрите за надворешни работи и за европски прашања.

Заев информира дека има и нови понуди за набавка за вакцина на Астра Зенека, кои, како што рече имаат постабилни количини. Најави дека во текот на денот ќе има разговор со британски претставници од највисоко ниво за да се види дали може за седум до десет дена да стасаат и тие вакцини.