Во најголемата градинка во Струмица ќе се отвори и сензорна соба


Сензорна соба ќе добие во наредниот периот најголемата градинка во Струмица „Виножито“, најави при денешната посета министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

„Впрочем задоволство ми е да кажам дека оваа градинка е најголема во општина Струмица, инвестиција на Министерството за труд и социјална политика во вкупна вредност од околу 2 милиона евра, која за само една година го исполни својот капацитет за згрижување од 307 дечиња и која тежнее кон проширување на својот капацитет. Токму пристапот на континуирано вложување во нови капацитети, во вработените, во секое опфатено дете е главниот фокус на спроведување на социјалната реформа и развојот на човечкиот капитал, кој ќе биде рбетот на развојот на нашата држава “ рече Тренчевска.

Министерката во нејзината изјава најави дека продолжува инвестирањето во градинката „Виножито“, денес таа најави нова сензорна соба во склоп на градинката која треба да придонесе за подобрување на инклузивноста на градинката и истата ќе овозможи соодветен развој на секое дете. Таа воедно потсети и на инвестицијата на Министерството за труд и социјална политика од изминатата година во градинката „Детска Радост“.

Тренчевска истакна дека инклузивното игралиште во таа градинка ја потврди сеопфатноста и посветеноста на Владата за поддршка на секое дете во државата.

Во посетата на градинката беше и премиерот Димитар Ковачевски која во изјавата за медиуми ги истакна досегашните инвестиции на Владата и Министерството за труд и социјална политика во делот на детската заштита.

„Од почетокот на мандатот на Владата, отворени се вкупно 83 објекти. Од кои, 13 нови јавни детски градинки. 39 нови објекти во рамки на постојните јавни детски установи.  Отворени се 31-на нова група со промена на просторни услови во постоечки објекти и во други просторни услови. Со тоа, овозможивме да бидат згрижени дополнителни 8.000 деца од предучилишна возраст во државата. Конкретно за годинава, со пресекот во месец септември, околу 36.300 деца се запишани во јавните детски градинки и околу 3.000 деца се опфатени во приватните детски градинки. До крајот на 2023 година се планира да бидат отворени капацитети за уште 530 деца. А, до крајот на 2024 година, предвидовме отворање на дополнителни, околу 1.700 места, за згрижување деца од предучилишна возраст “ рече Ковачевски.

Премиерот истакна дека оваа година е завршена најголемата реализација на капиталните инвестиции досега со вкупна вредност од 465 милиони евра и посочи дека тоа е речиси 90 отсто од планираните капитални капитални проекти.