Во МВР има 12 заразени од корона вирусот


Бројката на лица кај кои е детектирано присуство на коронавирусот, а се вработени во Министерството за внатрешни работи во моментов е 12. Десет од нив се вработени во Бирото за јавна безбедност, односно 1 од Куманово, 4 од Тетово и 5 од Мобилната единица за безбедност на патниот сообраќај. Останатите две лица се вработени во организациските единици за потребите на Министерството за внатрешни работи, сооопшти денес министерот Наке Чулев.

-Во изминатиот период честопати апелирав до полициските службеници и денес повторно го правам тоа да ја користат заштитната опрема, да внимаваат и да се грижат за сопственото здравје.Во завршна фаза од изработка е упатство кое го правиме заедно со Министерството за здравство, а кое ќе се однесува на степенот на заштитна опрема, која треба да ја поседуваат полициските службеници, во зависност од типот на работните задачи и обврски кои ги извршуваат тие, рече Чулев.

Според него, Министерството за внатрешни работи во изминатиот период успешно спровело набавка на заштитна опрема а  од Унгарија, Словенија, Кина, како и преку  партнерите од ОБСЕ обезбедило донации на заштитна опрема кои целосно е ставени на располагање за вработените во МВР.