Во МСУ изложба за соживотот со животните и границите на човечката емпатија
Прашањата за односот на човекот кон другите живи суштества, одговорноста за нивната заштита и можностите за заедничко живеење ќе бидат во фокусот на меѓународната изложба „Сè што ни е заедничко: Животните не се таму некаде“, која денеска во 13 часот ќе биде отворена во Музејот на современата уметност – Скопје.
Изложбата, во кураторство на Мира Гаќина и Јованка Попова, обединува дела на македонски и меѓународни уметници и го преиспитува човекот како центар на светот, отворајќи простор за размислување за животните како живи суштества со сопствени искуства, чувства, меморија, начини на комуникација и потреби.
Преку уметнички дела, поставката ги истражува односите на моќ меѓу луѓето и другите видови, насилството и експлоатацијата, но и можностите за солидарност, меѓузависност и поинакви форми на заедничко живеење.
Кураторките посочуваат дека изложбата се отвора во време на климатска криза, забрзано исчезнување на видовите и сè поизразена еколошка нерамнотежа, кога односот кон животните станува едно од суштинските прашања за разбирањето на светот и местото на човекот во него.
-Со оваа изложба сакаме да го поместиме прашањето за животните од маргините на општественото внимание во средиштето на разговорот за тоа како живееме заедно. Животните не се некаде надвор од нашите животи, туку се дел од нашите секојдневни простори, односи и заедници. Начинот на кој се однесуваме кон нив открива многу за тоа како ја разбираме грижата, солидарноста и одговорноста – истакнуваат Гаќина и Попова.
Поставката се поврзува и со непосредната реалност во земјава, особено со присуството на бездомни кучиња и други животни во урбаните средини, кои често се изложени на занемарување, насилство, труење и убивање. Според кураторскиот концепт, нивното присуство ги открива противречностите во општествениот однос кон животните – тие се дел од заедничката урбана средина, но нивното постоење често се третира како проблем што треба да се отстрани.
Изложбата ги отвора и прашањата за институционалната одговорност, селективноста на сочувството и општествената толеранција кон насилството, односно за тоа чии животи добиваат заштита, а чии остануваат незабележани.
Покрај уметничката програма, МСУ најавува и соработка со организации и иницијативи посветени на заштитата и благосостојбата на животните, со цел да се поттикнат конкретни форми на помош и поддршка. Кураторките посочуваат дека намерата е оваа соработка да не биде еднократна активност поврзана со изложбата, туку почеток на долгорочна практика на грижа и заедничка одговорност.
Изложбата опфаќа разновидни уметнички практики поврзани со повеќевидовската етика, политиките на грижа, нечовечката перцепција и јазик, страдањето на животните во системите на човечко насилство, формите на животински отпор и можностите за коегзистенција меѓу видовите.
Во неа учествуваат Аби Палмер, Ахмет Огут, Гал Кирн, Дритон Селмани, Ѓорѓе Јовановиќ, Елене Глонти, Изабела Левенска Миљаниќ, Илија Прокопиев, Јане Чаловски, Кикуја Сатоши, Клелија Живковиќ, Крсто Глигорјадис, Марија Цагкари, Маурицио Гати, Немања Миленковиќ, Оља Триашка Стефановиќ, Осама Затар, Роман Селим Кередин, Христина Иваноска и Ченг Синхао.
Проектот се надоврзува на долгорочната кураторска истражувачка иницијатива „Сè што ни е заедничко“, започната во 2018 година, која преку серија меѓународни изложби ги истражува солидарноста, социјалната правда, политичката имагинација и алтернативните форми на коегзистенција.
Отворањето вечерва ќе биде проследено со диџеј-сет на Нино Наумов. Изложбата е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам,