Во МСУ изложба на ретко изложувани дела од колекцијата ставени во релација со дела од современи уметници
Во Музејот на современата уметност – Скопје (МСУ) вечер ќе биде отворена изложбата „Прекршено време. И светот се пресоздава од тоа што го заборава“ составена од ретко изложувани дела од колекцијата ставени во релација со дела од современи уметници. Куратори на поставката се: Ивана Васева, Благоја Варошанец, Софиа Григориаду, Ива Димовски, Владимир Јанчевски и Нада Прља.
-Генерална идеја за изложбата е преку контекстуален и критички пристап кон делата во колекцијата да се преиспитаат историски и критички теми, како што се колонијалната историја и неоколонијализмот, феминизмот, хегемониската експлоатација, хибридноста на културните формации и трансформации и соодветните отпори и борби, како и сложените реалности на земји (и групи) што се конципирани како „периферни“, велат организаторите на изложбата.
Нагласуваат дека изложбата претставува репрезентативен избор на дела од колекцијата на МСУ – Скопје, некои од нив ретко или воопшто изложувани, дела на уметници со потекло од она што се подразбирало како периферии на светот или светот разбиран како европоцентрична „геополитика на знаење“, како и дела на современи уметници, во обид за лоцирање на поинакви приказни и наративи, честопати исклучени од доминантите наративи, но се со голема еманципаторска моќ.
Современи уметници, чии дела ќе бидат изложени се: Ала Јунис (Кувајт/Јордан), Инас Халаби (Палестина/ Холандија), Сиовија Кјамби (Кенија/ Германија), Карла Закагини (Бразил/ Шведска) и Ивана Сиџимовска (Северна Македонија/ Германија)
Изложбата ќе биде отворена до 30 март 2025 година и е дел од одбележувањето на 60 години од основањето на Музејот на современата уметност – Скопје.