Во Москва одржана воената парада која ја отслика моќта на Путин


Рускиот претседател реши денеска да биде одржана парадата за победата на Советскиот Сојуз во Втората светска војна затоа што од утре почнува гласањето на референдумот за уставните измени

 

МОСКВА – Претседателот Владимир Путин вршеше смотра на спектакуларната воена парада на Црвениот плоштад, а критичарите на патриотскиот настан рекоа дека тој е дизајниран да ги крене неговите пониски од вообичаените рејтинзи во пресрет на националното гласање што може да го продолжи неговото владеење до 2036 година.

Путин гледаше како лансирни рампи на интерконтинентална балистичка ракета потсетуваа на минатото, бомбардери со нуклеарно оружје летаа над главите, а колоните тенкови и над 14.000 војници, вклучително и некои од сојузниците како Кина, се движеа под жешкото сонце.

Парадата за одбележување на 75-годишнината од победата на Советскиот Сојуз над нацистите во Втората светска војна, беше одложена од 9 мај поради појавата на корона вирусот, но критичарите велат дека е сепак неодговорно што се одржа сега.

Кремљ го отфрли ваквото тврдење, велејќи дека новите дневни инфекции, иако сѐ уште илјадници, се намалуваат, особено во руската престолнина, оригиналниот епицентар на избувнувањето и дека се преземени сите безбедносни мерки на претпазливост.

Волонтерите им даваа маски и нараквици на оние што гледаа на Црвениот плоштад и им наредија да седат преку две столчиња.

Путин, придружуван од ветерани, не носеше маска, но луѓето околу него беа тестирани на корона вирус, вклучително и ветераните карантинирани во одморалиште надвор од Москва.

Илјадници луѓе ги наполнија улиците на Москва за да гледаат како тенковите низ градот поминуваат за време на државниот празник.

Путин испрати помирувачки тон кон Западот и покрај тоа што претходно се пожали за, како што рече, обидите на некои европски земји да ја преработат историјата.

Тој рече дека Москва никогаш нема да го заборави придонесот на воените сојузници на Советскиот Сојуз, вклучително и нивното отворање на вториот фронт во 1944 година.

Путин исто така упати индиректен повик петте постојани членови на Советот за безбедност на ОН да одржат самит во обид да ги решат проблемите во светот.

„Ние сме отворени за дијалог и соработка за најактуелните меѓународни теми“, рече Путин.

„Меѓу нив е создавање на сигурен и генерален безбедносен систем, кој му е потребен на современиот свет што брзо се менува. Само заедно можеме да го одбраниме од нови опасни закани“, рече тој.

Пред пандемијата, Путин се надеваше дека ќе биде домаќин на лидерите на Франција и Кина на парадата.

На настанот присуствуваа околу 10 светски лидери, повеќето од нив од поранешните советски земји. Претседателот на Киргистан мораше да го пропушти во последната минута, откако две лица кои го придружуваа во Москва, при пристигнувањето позитивно беа тестирани на Ковид-19.

Парадата се одржа во пресрет на националното гласање, од 25 јуни до 1 јули, за уставните измени, вклучително и амандман што би му овозможил на Путин уште два шестгодишни мандати како претседател.

Тековните уставни олграничувања му забрануваат да бара реизбор во 2024 година кога му завршува сегашниот мандат.

Експертите од државниот анкетар ВТсИОМ имаат прогноза дека 67-71 отсто од гласачите ќе ги поддржат измените. Критичарите на Кремљ велат дека гласањето ќе биде фалсификувано.

Некои аналитичари велат дека властите, поддржани од државните медиуми, ја користат годишната парада за зајакнување на патриотското чувство, нешто што може да помогне во подигање на оценката за одобрување на Путин, која сега е на 59 отсто, според независниот анкетар Левада.

Иако таа е висока според стандардите на повеќето земји, рејтингот е на најниско ниво од 1999 година.

Анкетите покажуваат дека подготвеноста на луѓето да протестираат се зголеми затоа што пониските цени на нафтата и продолжената блокада ја наруши економијата, невработеноста се зголеми, а планот на Кремљ дека ќе ги запре годините на паѓање на реалните плати не успеа.

Сергеј Алексашенко, економист кој е критички настроен кон Путин, во вторникот за радио станицата Ехо Москви изјави дека рускиот лидер е решен да ја одржи парадата и покрај пандемијата.

„Владимир Путин смета дека парадата е реафирмација на неговата величие, величието на земјата и на нашето историско сеќавање“, рече Алексашенко. (Ројтерс)