Во мексикански град пронајдени делови од тела со порака на нарко картели


Во Мексико, наркокартел остави делови од тело во Толука, западно од Мексико Сити. Отсечена човечка нога била пронајдена обесена на пешачки мост, а набрзо во градот биле пронајдени и други делови од тела, јавува CBS.

На улицата во близина на мостот и центарот на градот, пронајдено е тело заедно со рака и порака потпишана од картелот Фамилија Мичоакана.

Делови од тело со иста порака и потпис на картелот се пронајдени и во друга населба. Полицијата соопшти дека деловите од телото му припаѓаат на маж на возраст меѓу 35 и 40 години. Делови од најмалку уште едно тело биле пронајдени на друго место во градот.

Полицијата открила распарчено тело во населба на источната страна на градот, со порака и натпис од картелот Фамилија Мичоакана. Подоцна делови од телото биле пронајдени во запален автомобил во индустриски кварт на северната страна.

Властите истражуваат дали тоа се делови од друго распарчено тело. Деловите од телата во Толука биле пронајдени еден ден откако телата на четворица мажи и две жени биле оставени на страна на улица во близина на северниот мексикански град Монтереј.