Во медиумите лани работеле 2.600 лица, мажите главно како режисери и сниматели, жените како новинарки


Фото: Б. Грданоски

Во медиумскиот простор во земјава во 2019 година биле вработени 2.601 лице. Повеќето се мажи, а помалку се жени, но главно мажите се ангажирани како режисери, сниматели и монтажери, а најголем број од жените како новинарки, покажува анализата изработена од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Од вкупниот број вработени, 814 лица биле ангажирани во Македонската радио телевизија, а 1.382 лица во комерцијалните телевизии и 405 лица во радио станиците.

Споредено со претходната година, во јавниот сервис биле вработени 43 лица помалку, а во комерцијалните телевизии 114 лица помалку. Во комерцијалните радио станици имало вработено осум лица повеќе.

– Намалувањето на бројот на вработени во комерцијалните телевизии најмногу се должи што во оваа анализа не е опфатен бројот на вработени во 1ТВ, бидејќи дозволата на оваа телевизија беше одземена во ноември 2019 година, па затоа немавме можност да се обезбедат податоци за неа, истакна Катерина Доневска од Агенцијата за аудио и аудиовизулени медиусмки услуги на денешниот последен јавен состанок за оваа година.

Во редовен работен однос од вкупниот број на вработени во медиумите биле 77 отсто, а 23 проценти се хонорарци. Со завршено високо образование се 49 проценти и исто толку се со средно образование. Само два процента од вработените биле со друго образование.

Во однос на етничката припадност, најголем број или 73 проценти се Македонци, 21 процент Албанци, по два отсто се Турци и Срби и по еден отсто се Роми и Бошњаци. Тринаесет лица се Власи, а осум од други националности.

Во однос на најавите за штрајк на локалните радиодифузери, директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги Зоран Трајчевски на онлајн седницата информираше дека имале намера на сите радиодифузери да им овозможат да ја платат со попуст дозволата за телевизиско и радио емитување, но оти им се скратени средства во Буџетот за 2021 година поради што не се во можност да го реализираат овој предлог.

– Таа сума отприлика изнесуваше околу 18 милиони денари. Но, не ја знаеме точно причината и во моментот кога имавме закажано седница, Владата излезе со Предлог-буџетот и за таа сума што ја планиравме да им помогнеме на медиумите, ни се скратени парите за 2021 година и плус три милиони денари имаме скратено за 2020 година. Во ваква финансиска ситуација не сме во можност да им простиме дел на радиодифиузерите, бидејќи во тој случај ќе се доведе во прашање функционирањето и обврските кои ги има Агенцијата согласно Законот за аудио и аудиовизуелни услуги. Така што барањето треба да го насочат кон Владата, рече Трајчевски.