Во март годишен раст на депозитите од 12,7 отсто и 12,3 отсто на кредитирањето

Вкупните депозити на годишно ниво во март бележат раст од 12,7%, којшто произлегува од повисоките депозити на двата сектора, со поизразен придонес на депозитите на секторот „домаќинства“. Вкупните кредити, пак, се зголемени за 12,3% како резултат на растот на кредитирањето кај двата сектора, со поизразен придонес на корпоративниот сектор, соопшти Народната банка.
Во март 2025 година, паричната маса забележа месечен раст од 0,6%, во најголем дел како резултат на повисоките краткорочни депозити, при помал раст и на готовите пари во оптек, во услови на пад на депозитните пари и долгорочните депозити до две години. На годишна основа, растот изнесува 10,9% и произлегува од зголемувањето на депозитните пари, краткорочните депозити, долгорочните депозити до две години и готовите пари во оптек.
Вкупните депозити во март остварија месечен раст за 0,6%, во целост поради зголемените депозити на корпоративниот сектор. На годишна основа вкупните депозити бележат раст од 12,7%, којшто произлегува од повисоките депозити на двата сектора, со поизразен придонес на депозитите на секторот „домаќинства“.
Вкупните кредити, во март, се зголемени за 1,0% на месечна основа, како резултат на растот на кредитирањето на двата сектора, со поизразен придонес на секторот „домаќинства“. Годишниот раст изнесува 12,3% и во поголем дел произлегува од зголемените кредити на корпоративниот сектор, при раст и на кредитирањето на секторот „домаќинства“.
Во март годинава, вкупните депозити на корпоративниот сектор бележат раст од 3,0% во споредба со претходниот месец, пред сѐ поради повисоките краткорочни депозити во странска валута, при дополнителен раст и на краткорочните депозити во денари, додека останатите компоненти бележат пад. На годишна основа, растот изнесува 13,3% и во поголем дел е резултат на зголемувањето на краткорочните депозити во странска валута, депозитните пари и краткорочните депозити во денари, при помал раст и на долгорочните депозити во денари и во странска валута. ‒ Кредитите на корпоративниот сектор5, овој месец, се зголемени за 0,9% и 15,3% на месечно и на годишно ниво, соодветно. Нагорната месечна и годишна промена во целост произлегува од повисокото кредитирање во денари, во услови на пад на кредитите во странска валута.
Вкупните депозити на домаќинствата, во март се намалени за 0,1% на месечна основа. Притоа, промената пред сѐ се должи на падот на депозитните пари, при помал пад и на долгорочните депозити во странска валута, додека краткорочните депозити во денари и во странска валута и долгорочните депозити во денари забележаа раст. Овие депозити се зголемени за 12,9% на годишна основа, во поголем дел како резултат на растот на депозитните пари и долгорочните депозити во денари и во странска валута. Кредитите на домаќинствата, овој месец, бележат месечен и годишен раст од 1,1% и 9,6%, соодветно, којшто е резултат на зголеменото кредитирање во денари и во странска валута, со поизразен придонес на кредитите во денари.
Во март, гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај најзастапените категории ‒ потрошувачките и станбените кредити, е остварен месечен раст од 1,0% и 1,6%, при годишно зголемување од 9,2% и 13,9%, соодветно. Овој месец, автомобилските кредити забележаа пад на месечна основа од 1,1%, додека на годишна основа се повисоки за 3,4%. Во март, кредитите одобрени на кредитни картички се намалени за 0,8% и 9,0% на месечно и на годишно ниво, соодветно. Негативните салда на тековните сметки, во март, се зголемени за 5,1% на месечно ниво, при годишен пад од 2,4%, додека кредитите одобрени врз други основи се намалени за 0,3% и 8,2% на месечна и на годишна основа, соодветно, се наведува во соопштението од НБ.