Во македонскиот КИЦ во Загреб промоција на книгата „Магичниот круг на детството” од Татјана Гогоска


Во Македонскиот културно-информативен центар (КИЦ) во Загреб вечерва ќе се одржи промоција на книгата „Магичниот круг на детството” од авторката Татјана Гогоска.

Промоцијата ќе се оджи во рамки на мултимедијалниот проект за деца „Магичниот круг на детството“ на КАТ Продукција. Основата околу која се движи магијата на овој проект, како што се наведува во соопштението на КИЦ – Загреб е книгата „Магичниот круг на детството “, а приказните за Најденко и Силјан штркот, децата ги разиграа подготвувајќи се за промоцијата која ќе се одржи вечерва во 19 часот.

Проектот почна завчера во просториите на македонскиот КИЦ Загреб, со драмска работилница под водство на маестралната Снежана Коневска Руси. На работилницата учествуваа 15 тина деца од основните училишта во Загреб кои го изучуваат македонскиот јазик и култура под менторство на Деспина Белчовска Велинска.

Проектот вчера продолжи со работилница за креативно пишување, под менторство на авторката на книгата Татјана Гогоска, во ОУ „Август Харамбашиќ“, а денеска ќе биде реализирана работилница за илустрација на книги за деца под менторство на ликовниот уметник Кристина Таневска , во ОУ Никола Тесла во Загреб.

-Реализацијата на проекти посветени на најмладите во рамките на годишната програма на македонскиот КИЦ во Загреб е еден од нашите приоритети имајќи предвид дека тие се клучни за негување на македонскиот јазик кај најмладите, за славење на убавината на детството, како и за поттикнување на креативноста и уметничкото изразување кај децата – истакнала директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, се додава во соопштението.

Проектот „Магичниот круг на детството“ на КАТ Продукција е дел од годишната програма на Македонскиот КИЦ во Загреб поддржан од Министерството за култура и туризам.